Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвиненија против шест лица кои се товарат дека организирано фалсификувале исправи, злоупотребувале лични податоци и подигнувале брзи кредити на туѓо име, со што незаконски прибавиле повеќе од 3,1 милиони денари. Пред очите на финансиските институции, а зад туѓи идентитети, со години функционирала измамничка шема за подигање брзи кредити. Истовремено, до надлежниот суд е поднесен и предлог за издавање казнен налог против уште 33 лица за кривично дело компјутерска измама.
Според Обвинителството, обвинетите, во периодот од 2022 до 2024 година, организирано користеле лични податоци на оштетени граѓани и лажни документи за да аплицираат за брзи кредити во повеќе финансиски друштва.
„Во информатичкиот систем на оштетените финансиски друштва внесувале невистинити податоци – за кои секој од нив знаел дека не се вистинити и дека се постигнати со дејства од други кривични делa, со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците од Агенцијата за вработување. Во ова им помагал еден од нив, кој бил службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување и кој им ставил на располагање ЕЗБО, број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетените физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име, ја разоткриваат шемата од ОЈО Скопје.
Четворица од обвинетите, според истрагата, од февруари 2023 до јуни 2024 година незаконски прибавиле 2.509.808 денари, додека останатите во текот на 2022 и 2023 година извлекле уште 659.500 денари или преку 50.000 евра.
За четири лица кои првично биле опфатени со истрагата, постапката е запрена. За двајца не биле обезбедени докази дека учествувале во измамничката шема, а двајца починале во текот на истражната постапка.
Пред два дена полицијата уапси две жени од Куманово, кои во име на 19 други подигнувале брзи кредити со вкупна висина од 175 илјади евра. МВР им поднесе кривични пријави за измама и злоупотреба на лични податоци. (П. А.)












