Иако беше најавено дека на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе се разговара за мерки за ублажување на растот на цените на храната и на горивата, како и за владината потрошувачка кошница, овие теми воопшто не се најдоа на дневен ред. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), по седницата, порачаа дека не се отворило ниту едно од суштинските прашања што директно го засегаат животниот стандард на граѓаните: платите, цените, условите за работа и заштитата на работниците.
Дополнителна забуна предизвикуваат и различните пораки од Владата околу владината потрошувачка кошница. Додека министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува дека таа би можела да почне да се пресметува кон крајот на оваа или почетокот на следната година, заменик-министерот Маријан Ристески само ден претходно изјави дека нејзината примена ќе почне од септември.
Министерот Дурмиши, по седницата, изјави дека се разговарало за повеќе прашања поврзани со економските политики, пазарот на трудот и со образовниот систем.
– Беше усвоена програмата за работа на ЕСС со која се утврдува динамиката за работа за 2026 година. Меѓу темите се политиките за вработување, минималната плата, потрошувачката кошница, работните односи, безбедноста и здравјето при работа, младинските политики, продуктивноста и други прашања што влијаат врз животниот стандард и конкурентноста на економијата – изјави Дурмиши.
На седницата биле разгледани и предлог-законите за високото образование и за квалитетот во високото образование, за кои министерот оцени дека ќе придонесат за создавање поконкурентен кадар што ќе одговори на потребите на стопанството.
Сепак, кога станува збор за владината потрошувачка кошница, Дурмиши призна дека воопшто не се разговарало.
– Ги чекаме забелешките на синдикатите. Во изминатиот период бевме фокусирани на реформската агенда, а сега ќе ѝ се посветиме на просечната потрошувачка кошница, која е прикрај. На некоја од наредните седници ќе биде ставена на дневен ред – рече министерот, додавајќи дека очекува да се случи тоа кон крајот на годинава или на почетокот од следната.
На седницата не се разговарало ниту за растот на цените на храната. Дурмиши, сепак, презентираше податоци според кои месечната инфлација е намалена за 0,5 проценти, цените на храната за 1,1 процент, а на транспортот за 1,6 проценти.
Тој посочи дека Државниот пазарен инспекторат извршил контрола на околу 700 производи, при што било утврдено дека во периодот од мај 2025 до мај 2026 година просечните набавни цени се зголемиле за 2,66 проценти, додека продажните цени пораснале за 4,56 проценти.
– Тоа покажува дека дел од растот на цените се должи на зголемување на бруто-профитните маржи кај одредени трговци – рече министерот.
Според друга анализа, кај производителите, просечните набавни цени се зголемиле за 2,04 проценти, додека продажните само за 0,16 проценти, што, според Дурмиши, укажува дека цените засега се релативно стабилни.
Од Сојузот на синдикатите, пак, велат дека седницата повторно ги заобиколила најважните проблеми со кои се соочуваат работниците.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, изјави дека синдикатите не добиле одговори на прашањата што граѓаните ги очекуваат со месеци.
– Ако продолжи ваквиот демографски тренд, ќе останеме и без работници и без плати. На седницата не беа споменати ниту ниските плати, ниту лошите услови за работа, ниту Законот за безбедност и здравје при работа. Наместо тоа, се разговараше за високото образование и за владините планови за наредните години – рече Пешевски.
Тој потсети дека синдикатите повеќе од 15 години бараат конкретни мерки за подобрување на стандардот на работниците, но, според него, суштински промени сè уште нема.
– Ако не се обезбедат повисоки плати, иселувањето ќе продолжи, а бројот на вработени ќе се намалува. Синдикалната потрошувачка кошница покажува колку средства се потребни за достоинствен живот и токму таа треба да биде основа за креирање на политиките за раст на платите – нагласи Пешевски.
Тој изрази сомнеж дека владината потрошувачка кошница реално ќе ги прикаже трошоците со кои се соочуваат семејствата, оценувајќи дека животот постојано поскапува, а голем број граѓани сè потешко ги покриваат основните месечни трошоци.
(А. С.)












