Преспанското село Љубојно викендов ќе биде центар на македонската традиција, автентичните вкусови и на староградската песна. В сабота со почеток во 17:00 часот, ќе се одржи новото издание на традиционалниот продажен фестивал „Преспанска софра“.
Манифестацијата, која е во организација на месната заедница на селото Љубојно, годинава има и посебен јубилеен карактер: се организира и по повод 50 години од изградбата на водоводот во селото.
Посетителите на „Преспанска софра“ ќе имаат единствена можност да уживаат во богатото гастрономско наследство на Преспанскиот Регион.
Настанот нуди: дегустација и продажба на традиционални народни специјалитети и домашни јадења карактеристични за овој крај, изложба на автентични преспански производи и ракотворби изработени од вештите раце на локалното население.
Освен во вкусовите, присутните ќе може да уживаат и во богата културно-уметничка програма. За добрата атмосфера и за незаборавното доживување ќе се погрижи групата „Антика“, која ќе изведе безвремени староградски македонски песни.
Организаторите упатуваат отворена покана до сите љубители на традицијата, добрата храна и на убавата песна да дојдат во Љубојно и да бидат дел од ова автентично преспанско доживување.












