Судот го прифати предлогот на скопското Обвинителство и им определи 30-дневен притвор за сопружниците осомничени за убиството на лекарот Ацо Трповски, извршено на 21 март 2024 година, во скопската населба Автокоманда. Притворот е поради постоење на опасност од бегство и влијание врз сведоци. Од Обвинителството велат дека по пат на сознанија е дојдено до сомневање оти брачниот пар стои зад убиственото сценарио. Ова се потврдува и од фактот што жената по убиството ги избришала сите траги во автомобилот на докторот со средство за чистење. Мотивот и натаму не е дефиниран, но судејќи по начинот на кој е убиен Трповски, 9 убоди од нож во градите, се отвора сомневање дека нападот бил извршен со голем интензитет, што во криминалистичката анализа често се доведува во врска со силен гнев или личен конфликт. Според истрагата што ја отвори Обвинителството во средата, сите тројца меѓусебно се познавале, но не станува збор за пациенти на убиениот.
Обвинителката што го води случајот, Елена Жакула, изјави за медиумите дека Обвинителството располага со цврсти докази против сопружниците дека тие се сторители на убиството на лекарот Ацо Трпкоски.
„По дополнителни сознанија во текот на изминатите месеци и по издадена дополнителна наредба од страна на јавниот обвинител, во координација со Единицата за насилен криминал, во текот на изминатата недела беше издадена наредба по која беа повикани лица. По нивното повикување во полиција, се добија некои дополнителни сознанија, кои го подигнаа степенот на основано сомневање дека токму овие осомничени се лицата што го сториле ова кривично дело. Се работи за двајца сопружници. За осомничената, Обвинителството ќе поднесе предлог за определување мерка притвор за кривично дело убиство од член 123 став 1, односно за помагање во извршување ова кривично дело. А за второто лице кое е нејзин сопружник, за кривично дело убиство од член 123 од Казнениот законик, изјави таа.
Според истрагата, „осомничената се договорила со жртвата да се најдат на наведеното место. Кратко време откако влегла во неговиот автомобил, пристигнал осомничениот. Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото, од кои оштетениот починал. Сопружниците заедно го ставиле телото на предното седиште од автомобилот. Осомничениот го одвезол до паркингот на Поликлиниката „Железара“, каде го префрлил починатиот на возачкото седиште. Осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата заминале“. (П. А.)












