Финалето на Светското првенство, кое е закажано за недела, 19 јули, во Њу Џерси, би можело да биде одложено доколку временските услови не дозволат безбедно одигрување на натпреварот.
Големиот меч треба да почне во 21:00 часот, на стадионот со капацитет за 82.500 гледачи, но најновите временски прогнози најавуваат нестабилно време, температура од околу 28 степени и можност за грмотевици во текот на вечерта.
Дополнителен проблем е што стадионот нема покривна конструкција, па целиот настан е директно изложен на временските услови. Доколку се појават молњи или силно невреме, организаторите би можеле да го поместат почетокот на натпреварот или, во краен случај, целосно да го одложат финалето за да ја гарантираат безбедноста на фудбалерите, официјалните лица и на десетиците илјади навивачи.
Инаку, во големото финале ќе се сретнат Шпанија и Аргентина, кои покажаа импресивна игра на полуфиналните мечеви против Франција, односно Англија.
Евентуалното одложување би било голем организациски и финансиски удар за ФИФА, бидејќи станува збор за најгледаниот натпревар на турнирот, кој го следат стотици милиони гледачи во светот. Затоа организаторите внимателно ќе ја следат временската прогноза во пресрет на финалето и ќе донесат одлука во согласност со безбедносните протоколи.











