четврток, јули 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Овчи сипаници се шират меѓу овците и козите, загриженоста расте

Овчи сипаници се шират меѓу овците и козите, загриженоста расте

0

Од почетокот на јули, во Македонија се потврдени десет нови жаришта на сипаници кај овци и кози, со што вкупниот број активни жаришта се искачи на 17. Болеста досега е регистрирана кај повеќе од 2.700 животни, а над 1.400 веќе се депопулирани. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека се преземаат сите законски мерки за спречување на понатамошното ширење на заразата.

Новите жаришта се евидентирани во населеното место Саса (Општина Македонска Каменица), селото Соколарци (Чешиново – Облешево), селото Бигла (Делчево), селата Малино и Косевица (Свети Николе), како и во селото Сопот (Куманово). Во моментов, болеста е потврдена во вкупно 17 одгледувалишта – 15 со овци и две со овци и кози. Првото жариште беше регистрирано уште во јануари годинава, во селото Лопате, Кумановско.

Од АХВ информираат дека, по добивањето согласност за локации за закопување на животните, ќе продолжи депопулацијата во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и во Свети Николе. Досега се депопулирани повеќе од 1.400 животни, а во текот на вчерашниот ден беше спроведена депопулација и во одгледувалиштето во селото Сопот, каде што беше применет механички метод за евтаназија.

Во сите заразени одгледувалишта се спроведуваат строги контролни мерки. Тие опфаќаат попис на животните, депопулација на целото стадо, безбедно отстранување на мршите, храната, млекото, волната и на другите потенцијално контаминирани материјали, како и темелно чистење и дезинфекција на објектите, возилата и на опремата. Истовремено се спроведуваат епидемиолошки испитувања за утврдување на изворот на заразата и на евентуалните контактни одгледувалишта.

На сила остануваат и рестриктивните мерки за движење на овците и козите во заштитните зони. Забранет е превозот на животните, освен директно до одобрени кланици по претходен ветеринарен преглед. Забранета е и работа на добиточните пазари на територијата на целата држава, како и организирање изложби и други настани поврзани со овци и со кози.

АХВ потсетува дека можат да се пласираат суровото млеко и производите од овчо и од козјо млеко од заштитните зони само по соодветен термички третман, односно пастеризација, а производите без таков третман не смеат да се ставаат во промет.

До сите одгледувачи е упатен апел строго да ги почитуваат биосигурносните мерки: да го ограничат движењето на лица и на возила во одгледувалиштата, задолжително да користат заштитна облека и средства за дезинфекција, да не внесуваат нови животни без здравствен сертификат и да избегнуваат контакт со стада со непознат здравствен статус. Секој сомнеж за заболување или за пцовисување мора да се пријави до официјален ветеринар, во рок од 24 часа.

Се разгледува и можноста за воведување вакцинација како дополнителна мерка за справување со болеста, но засега не е донесена одлука.

ИЗДВОЕНИ