Ревизорите утврдиле дека ЈП ПОЦ е со 86 милиони денари неуплатена комунална такса во буџетот на Општина Центар и има 20 милиони застарени побарувања, но и несоодветно евидентирање на опремата и на градежните објекти. Воедно, 25 % од вкупните побарувања биле постари од шест години и без преземени мерки за наплата или обезвреднување, а биле констатирани и неправилности во постапките за јавни набавки, како и слабости во благајничкото работење. Односно, било утврдено несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија немала изготвено извештај за извршениот попис
Државниот завод за ревизија утврдил неправилности и неусогласеност во работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, поради што дал неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизорите утврдиле дека ЈП ПОЦ е со 86 милиони денари неуплатена комунална такса во буџетот на Општина Центар и има 20 милиони застарени побарувања, но и несоодветно евидентирање на опремата и на градежните објекти. Воедно, 25 % од вкупните побарувања биле постари од шест години и без преземени мерки за наплата или обезвреднување, а биле констатирани и неправилности во постапките за јавни набавки, како и слабости во благајничкото работење. Односно, било утврдено несогласување кај средствата во благајната, а пописната комисија немала изготвено извештај за извршениот попис.
Ревизијата утврдила дека во текот на 2024 година бил извршен отпис на побарувања во износ од 2.221 илјада денари за физички лица, за кои не е пресметан и платен данок на личен доход во износ од 247 илјади денари, што, според ревизорите, има како ефект помалку уплатени средства во буџетот на државата.
Исто така, опремата и градежните објекти со кои располага јавното претпријатие (паркомати, монтажни конструкции, киоск-системи и друга урбана опрема) не биле соодветно евидентирани и не била пресметана амортизацијата на набавените материјални средства во 2024 година, кои се ставени во употреба, што, според ДЗС, има влијание на искажаниот финансиски резултат и на квалитетот на информациите и податоците што ги даваат финансиските извештаи.
Утврдени се и неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите и на надоместоците, во однос на утврдената вредност на бодот, коефициентите на сложеност по работни места и пресметката на додатокот за работа во смени и на надоместоците за боледување.
(А. П.)












