Не е донесена одлуката на Уставниот суд за предметот поврзан со иницијативата на опозициските партии Левица и Демократи врзана за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање. Конечната одлука се очекуваше да биде донесена на утринската седница на Судот закажана за 9 часот за кога беше закажано гласањето по предложената иницијатива откако на неодамнешната седница судиите не можеа да донесат одлука дали ќе ја прифатат или ќе је отфрлат. Но, откако на седницата не се појавил судијата Гоце Наумовски беше решено Судот да не се произнесува по покренатите иницијативи. Инаку, на минатата седница гласањето беше одложено поради неприсуството на судијата Наумовски, а денешната седница беше закажана откако со сигурност се очекувало неговото појавување. Меѓутоа, наместо појавувањето на Наумовски во судската сала каде се носат одлуките, дојде веста од собранискиот спикер Африм Гаши дека Наумовски до него доставил оставка.
Изворите на весникот ВЕЧЕР во Уставниот суд наведуваат дека седницата посветена на гласањето на судиите ќе биде оддржана во наредниве денови. Тогаш ќе се види дали ќе биде обезбедено мнозинство од пет судии потребно за донесувањето на одлуките. Инаку, сега, по оставката на Наумовски, Уставниот суд брои само седум членови од потребните девет. Освен местото на Наумовски празно е уште едно место по заминувањето на уставната судијка Елизабета Дуковска. На нејзино место Судскиот совет во март ја предложи Мери Дика Георгиевска, но нејзиниот избор се уште не е случен во македонското Собрание.
На неодманешната седница поврзана со гласањето за иницијативите на Левица и Демократиј не беа обезбедени гласови на мнозинство од најмалку петмина судии. На седницата присуствуваа седуммина судии, по што предлогот на судијата известител Осман Кадриу остана отворен за повторно гласање. (Б.Ѓ.)












