Постојат места во Скопје познати по богатата ромска традиција, а кои денес се заборавени. Навраќањето кон тие заборавени места и обичаи ги оживува спомените за едно старо Скопје, со неговата специфична боја и атмосфера. Треба да се потсетиме на нив бидејќи се дел од богатата историја на градот. Ромите се особено познати по празнувањето на Ѓурѓовден, со што симболично се одбележуваат новиот живот и доаѓањето на пролетта. Скопскиот хроничар Данило Коцевски, во своите записи, опишува како изгледало тоа, некогаш, во Скопје. Имено, Ромите масовно и со својот препознатлив и специфичен стил празнувале и се собирале во паркот „Идадија“, пред кафеаната „Кермес“.

– Тука, во таа прекрасна природа, жените во својата најубава носија, а мажите во елегантни костуми, бели кошули, вратоврски и фесови, ја искажувале својата голема дарба за музика, за песна и танц. Во просторот пред кафеаната се танцувало, но и се празнувало со адетите што ги подразбирал празникот – запишал Коцевски

 

Постојат места во Скопје познати по богатата ромска традиција, а кои денес се заборавени. Навраќањето кон тие заборавени места и обичаи ги оживува спомените за едно старо Скопје, со неговата специфична боја и атмосфера. Треба да се потсетиме на нив бидејќи се дел од богатата историја на градот.
Ромите се особено познати по празнувањето на Ѓурѓовден, со што симболично се одбележуваат новиот живот и доаѓањето на пролетта. Не случајно, овој празник се поврзува со светиот великомаченик Георгиј, а нашите етнолози и фолклористи велат дека станува збор за пролетен празник (во основата, е празнувањето на природата), кога повторно се буди целата вегетација.

Скопскиот хроничар Данило Коцевски, во своите записи, опишува како изгледало тоа, некогаш, во Скопје.

– Во суштината, не славело само христијанското туку „целото население во Македонија“, како што се вели во толкувањата по повод ова празнување. Во природа, во една шумичка на Калето, кај Француските гробишта, Ромите со години го прославуваа Ѓурѓовден. Тоа место стана славно токму поради оваа прослава (режисерот Бранко Гапо има снимено и документарен филм). За жал, таквата традиција на тоа место денес е прекината, за што со носталгија зборуваат сите жители на тој крај – опишува Коцевски.

Тој наведува дека податокот дека пред Втората светска војна, Ромите ги одбележувале Ѓурѓовден и новото раѓање на природата на друго место во Скопје, е малку познат или е сосема заборавен.

Имено, тие масовно и со својот препознатлив и специфичен стил празнувале и се собирале во паркот „Идадија“, пред кафеаната „Кермес“.

– Тука, во таа прекрасна природа, жените во својата најубава носија, а мажите во елегантни костуми, бели кошули, вратоврски и фесови, ја искажувале својата голема дарба за музика, за песна и танц. Во просторот пред кафеаната се танцувало, но и се празнувало со адетите што ги подразбирал празникот – запишал Коцевски.

Меѓутоа, тој од записите на еден очевидец на тоа празнување во 30-тите години на минатиот век, открива многу интересни детали.

– Тој е воодушевен и не ги штеди своите пофалби и богатите описи од прославата на Ромите пред кафеаната „Кермес“. Притоа, се нагласува славеничкиот занес на скопските Роми во одбележувањето на празникот. Тоа било еден вид ромски „кермес“ (самиот збор кермес значи еден вид прослава, забава, собирање). Тој кермес се одвивал во знакот на тапанот, зурлата, гајдата и богатите ромски песни и игри. Во еден миг од прославата, музиката и танцот достигнувале климакс. Лудо, страсно, биеле тапаните, пиштеле зурлите. До бесвест. Шамичињата летале фрлени во височина, а колениците на танцувачите се подвиткувале во ритамот што го диктирал „даули“ (тапанџијата), допирајќи ја земјата. Даули потскокнувал, стрелајќи со очите и со целото свое битие, давајќи му такт на ороводецот. „Мајсторски, мајсторски бие даули во својот тапан“– навел хроничарот на тоа време.

За Ѓурѓовден, во долги колони, празнично облечени, Ромите оделе кон паркот „Идадија“, во слава на пролетта и на нивниот најголем празник.

– Според тогашната традиција, за ваквите прослави, импровизирано и симболично, „се наплатувала влезница“, по системот „Кој колку ќе даде…“. Ромите, кои масовно оделе кон паркот, брзо се фаќале за оро и така создавале сцени „достојни за филмовите на Ајзенштајн и Пудовкин“. Може само да се замисли колку оваа споредба е голем комплимент за музичката и за танцувачката уметност на Ромите. И уште понатаму: „Хармоничниот збир од телата и острата ритмика на играта придонесуваа човекот да ја почувствува суровата, грубата, занесна убавина“ – опишува Коцевски.

Тој додава дека целото ромско маало било расположено како ниту еден друг ден во годината, се танцувало, се јадело, се пиело, иако тој ден потоа можеби ќе се одработувал цел месец.
Што се однесува до традицијата за одбележување на Ѓурѓовден во Скопје, бездруго треба да се истакнат и масовната прослава и одењето на тој ден во црквичето „Св. Ѓорѓи“ во Кисела Вода, на падините на Водно.

Според имотната состојба, скопјани оделе со пајтони, со чези или со запрежни коли. Било обичај со себе да носат и јадење и пиење, а се играло и пеело преку целиот ден, сѐ до попладневните часови.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ