Речиси половина, односно 46 проценти од вкупните потрошувачки расходи на домаќинствата во Европската Унија во јануари 2026 година биле наменети за храна и безалкохолни пијалаци, домување, вода и енергија, како и за транспорт, покажуваат податоците на Евростат.
Секоја од овие три категории забележала значително зголемување на цените во најмалку една од последните години, што укажува на нивното големо влијание врз поширокиот раст на потрошувачките цени и врз семејниот буџет.
Во споредба со јануари 2025 година, најголемо зголемување на учеството во потрошувачката било забележано кај рекреацијата, спортот и културата – за 1,2 процентни поени. Уделот на расходите за ресторани и сместувачки услуги се зголемил за 0,3 процентни поени, додека расходите за образование пораснале за 0,1 процентен поен.
Од друга страна, најголем пад е регистриран кај транспортот, чиј удел во вкупната потрошувачка се намалил за 0,4 процентни поени. Уделот на расходите за информации и комуникации бил понизок за 0,3 процентни поени.












