На граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница, денеска отпочна изградбата на 400 киловолтен далновод од ТС „Битола 2”, во должина од 100 километри, со што Македонија целосно ќе се поврзе со електроенергетскиот систем на Албанија.
– Интерконективниот далновод Битола – Елбасан не е обичен далновод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Со овој проект, таа празнина конечно се затвора – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот оцени дека овој проект бил еден од најкомплексните со кои се соочиле како влада.
– Кредитот бил обезбеден уште во 2015 година. Договорот потпишан во 2020 година. А реализацијата речиси непостојна. Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлука донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР. Ја заштитивме државата, ја зачувавме инвестицијата. Повеќе од половина од веќе набавената опрема останува во сопственост и ќе се искористи. Не дозволивме ниту еден ден повеќе да се губи, ниту едно евро, денар да се потроши настрана. Потоа следуваше најтешкиот дел – рестарт на проект кој со години стоел во место. Се соочивме со правни, технички и организациски предизвици. Со имотно-правни прашања. Со потребата од усогласување со меѓународни стандарди и ФИДИК правила. Со обврска да го вратиме проектот во живот без да ги изгубиме веќе вложените ресурси. И успеавме – истакна Мицкоски.
Тој потсети дека со транспарентна постапка преку системот на ЕБОР, избрале нов изведувач, согласно со највисоките европски стандарди и оти, како што кажа, тоа е гаранција дека, овој пат, работите ќе се движат и нема да стојат.
На настанот се обрати и министерката за енергетика, Сања Божиновска, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бен Нупнау, претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, албанскиот министер за енергетика и инфраструктура, Енеа Каракачи, и генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи.












