недела, јуни 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Со ребалансот, обезбедени дополнителни средства за пречистителните станици во Скопје, Битола и...

Со ребалансот, обезбедени дополнителни средства за пречистителните станици во Скопје, Битола и Тетово

14

Дополнителни средства за реализација на пречистителните станици во Скопје, Битола и Тетово се обезбедени преку Министерството за животна средина со предлог-ребалансот на Буџетот усвоен од Владата, изјави премиерот Христијан Мицкоски во образложението на ребалансот на Буџетот за 2026 година и нагласи дека зголемувањето на капиталните инвестиции е резултат на реализацијата на инфраструктурни проекти, меѓу кои ги вброи и пречистителните станици.

– Во овој ребаланс на Буџетот, капиталните инвестиции се зголемени од 39 милијарди денари на 47 милијарди денари и тоа се должи токму на реализација на капитални проекти во сите институции… преку обезбедени дополнителни пари за пречистителни станици како скопската, битолската и тетовската преку Министерството за животна средина – рече Мицкоски.

Според него, средствата за овие проекти се дел од зголемените капитални расходи, поради што буџетскиот дефицит со ребалансот се зголемува од 3,5 на 4,1 процент. Премиерот нагласи дека, како што рече, Владата го зголемува дефицитот поради инвестиции во инфраструктура, а не поради повисоки трошоци за плати, пензии или социјални трансфери.

Владините документи и претходните соопштенија го потврдуваат тврдењето дека преку Министерството за животна средина се обезбедуваат дополнителни средства за пречистителните станици во трите града. Во 2024 година Владата најави дополнително финансирање за еколошки капитални проекти, меѓу кои се станиците во Скопје, Битола и Тетово. За проектот во Тетово тогаш беше соопштено дека се предвидени околу 680 милиони денари дополнителни средства.

Во меѓувреме, Министерството за животна средина објави дека започнала реализацијата на проектот за пречистителната станица во Битола. Проектот опфаќа изградба на постројка за третман на отпадни води, како и рехабилитација и надградба на канализациската мрежа.

Иако Владата потврдува дека со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за пречистителните станици во Скопје, Битола и Тетово, во јавно достапните документи не е објавена детална распределба на средствата по секој поединечен проект. Поради тоа, не може да се утврди колкав износ е наменет за секоја од трите пречистителни станици одделно.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ