Пораката од оцената за поглавјето 21 е дека Македонија има одреден напредок во енергетското и во транспортното поврзување, но дека стратешките определби мора да бидат проследени со конкретни рокови, обезбедено финансирање и со забрзана реализација. Особено железничкото поврзување со соседните земји останува тест за способноста на државата да ги претвори европските транспортни коридори од стратешки приоритет во функционална инфраструктура
Реализацијата на железничките врски со Бугарија и со Грција и натаму е еден од најголемите предизвици за интегрирањето на Македонија во европските транспортни мрежи. И покрај одредениот напредок во развојот на патната и на енергетската инфраструктура, клучните проекти на Коридорот 8 се соочуваат со доцнење, а земјата сè уште нема ниту акциски план за имплементација на Западнобалканско-источномедитеранскиот коридор.
Ова го покажува оцената за поглавјето 21 – Трансевропски мрежи, во рамките на кластерот 4 – Зелената агенда и одржливата поврзаност, во пристапниот процес со Европската Унија. Во документот се посочува дека Коридорот 10 е во понапредна фаза на развој и функционирање, додека за Коридорот 8 се потребни дополнителни напори за забрзување на активностите, особено во железничкиот дел. Посебен проблем останува недоволната динамика на изградба на железничката инфраструктура кон Бугарија, но и недовршеното регулирање на железничкото поврзување со Грција.
Иако соработката со Бугарија во последниот период е подобрена, а во ноември 2025 година беше потпишан договор за подготовка, изградба и функционирање на граничниот железнички тунел, ревидираната тендерска документација за делницата од Крива Паланка до бугарската граница сè уште не е објавена. Слична е состојбата и со железничкиот граничен премин Кременица – Неос Кафкасос кон Грција. И покрај тоа што е веќе изградена оперативната инфраструктура, потребно е итно финализирање на договорот меѓу двете држави за воспоставување на железничката врска.
Дополнителен проблем е што седум години по усвојувањето на националната транспортна стратегија 2018–2030, сè уште не е изработен акциски план за реализација на Западнобалканско-источномедитеранскиот коридор. Не се обезбедени ниту потребните финансиски средства за изградба на мултимодалниот транспортен јазол во Трубарево. Станува збор за стратешки важен коридор, кој ги интегрира деловите од поранешните коридори 8 и 10 и треба да обезбеди подобро поврзување на земјава со европската транспортна мрежа, но и да ги унапреди регионалната трговија и економската соработка.
Покрај транспортната инфраструктура, се бележи напредок и во енергетското поврзување. Во тек е изградбата на новиот 400-киловолтен далновод со Албанија, со кој треба да се зголемат прекуграничните капацитети за пренос на електрична енергија. Се подготвува и документација за зајакнување на преносната мрежа во југоисточниот дел на земјава, како и активности за нејзина дигитализација и позеленување во Југозападниот и во Пелагонискиот Регион.
Во делот на гасната инфраструктура, интерконекторот со Грција е во фаза на изградба, со рок за завршување во 2027 година, додека гасното поврзување со Србија е планирано да биде завршено до крајот на 2028 година. Како значаен чекор се наведува и повторното ставање во функција на нафтоводот Солун – Скопје во март 2026 година.
Сепак, паралелно со инфраструктурните инвестиции, останува и обврската за усогласување на националното законодавство со ревидираната регулатива на ЕУ за трансевропските енергетски мрежи (TEN-E).
Оцената укажува и на потребата од објавување петгодишни планови за одржување на патната и на железничката инфраструктура, како и продолжување на развојот на приоритетните делници од основната транспортна мрежа.
(С. Бл.)












