Германскиот трговски синџир „Лидл“ ја потврдува својата долгорочна определба за македонскиот пазар преку инвестицијата од 115 милиони евра во новиот логистички центар во Куманово, кој претставува еден од најголемите и најсовремени објекти од ваков тип во земјата и регионот. Повод за претставување на проектот беше посетата на германската амбасадорка Петра Дрекслер, која направи обиколка на комплексот и се запозна со неговите капацитети и современи технологии.
Логистичкиот центар е клучен дел од стратегијата на „Лидл“ за почеток на работењето во земјата и ќе биде основа за снабдување на идната мрежа на маркети. Објектот е проектиран според највисоки стандарди за енергетска ефикасност, безбедност и одржливост, со современи системи за автоматизирано управување, пет температурни зони за различни категории производи, фотоволтаичен систем, инфраструктура за електрични возила и решенија за управување со отпадот и водите.
Извршната претставничка на „Лидл“, Милена Драгијска, истакна дека логистичкиот центар претставува темел на долгорочната инвестиција на компанијата во Македонија.
Според неа, оптимизираните логистички процеси ќе обезбедат сигурен синџир на снабдување и секојдневна испорака на свежи и квалитетни производи по пристапни цени, додека соработката со домашните производители ќе отвори нови можности за извоз и пласман на странските пазари.
Покрај современата инфраструктура, проектот има и значително економско влијание. Во неговата изградба биле вклучени повеќе од 75 домашни компании, а со почетокот на работењето ќе бидат отворени преку 200 нови работни места.
Центарот се простира на 67.000 квадратни метри и има капацитет за складирање на повеќе од 47.000 палети.
Амбасадорката Петра Дрекслер оцени дека логистичкиот центар е јасен пример за значајна германска инвестиција во Македонија, нагласувајќи дека „Лидл“ веќе придонесува за зголемување на капацитетите на домашните производители преку поддршка за исполнување на европските стандарди и сертификати, што создава услови за нивно полесно интегрирање на пазарот на Европската Унија.
Со оваа инвестиција, „Лидл“ не инвестира само во современа логистичка инфраструктура туку и во развојот на локалната економија, отворањето нови работни места и создавањето одржлив малопродажен систем, со што дополнително ја потврдува својата намера за долгорочно присуство на македонскиот пазар.












