четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со празнична литија и дводневна духовна и културна програма во Гевгелија се...

Со празнична литија и дводневна духовна и културна програма во Гевгелија се чествуваше патронот на црквата „Св. Кирил и Методиј“

132

Свети угодници Божји, Кириле и Методије, сочувајте ја нашата Македонска
Православна Црква, којашто Вие ја изградивте врз камен – темелникот, Христос !
Да го молиме Господ, Мајката Божја и свети Кирил и Методиј да ни даруваат мир,
здравје и спасение на родот наш Македонски !

Дводневно достоинствено духовно, богослужбено и културно-уметничко чествување
по повод патрониот празник и 130-годишниот јубилеј од постоењето на храмот „Свети
Кирил и Методиј“ се одржа на 23 и 24 мај 2026 година во Гевгелија.

Одбележувањето на празникот започна во саботата, на 23 мај, кога во храмот се
одржа Акатист со петолебие, како молитвено духовно собрание во чест на
светителите. Во вечерната програма беше застапена богата културно-уметничка вечер
исполнета со духовна музика, традиционален мелос, хорски изведби и македонски
фолклор. Пред присутните настапија Боркица Мурџева, хорот „Владо Кантарџиев“,
Детската танцова група, „Распеани гевгеличани“ и Aнсамблот „Бојмија“, кои преку
своите изведби придонесоа за создавање свечена и празнична атмосфера.

Централното празнување продолжи во неделата, на 24 мај, кога се одржаа повеќе
богослужби и свечености во чест на патроните на храмот, на која верниците заеднички
упатија молитви за духовен мир, здравје и благослов. Најнапред се изврши
благословување на кумските колачи, а потоа низ улиците на Гевгелија помина
празничната литија, како симбол на верата, заедништвото и почитта кон светите браќа
Кирил и Методиј.

Празничната литија ја придружуваа голем број на верници од
општина Гевгелија. Веднаш потоа, следуваше настапот на Ансамблот „Македонија“
при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и КУД „Мирка Гинова“ од Демир Капија со
сплет од македонски ора и песни, со што дополнително го збогатија централниот дел
од прославата.

Црквата„Свети Кирил и Методиј“се наоѓа во средишниот дел на Гевгелија, сместена на јужната страна на градското шеталиште. Во црквата се наоѓаат девет икони од
познатиот македонски зограф Димитар Андонов – Папрадишки. Воедно, црквата се
одликува со голем и убав иконостас. Подигната е во 1896 година, што може да се види од натписот на плочата на источниот ѕид, вѕидан над олтарната апсида од надвор.

Љ.А.

ИЗДВОЕНИ