среда, август 19, 2026
Дома МАГАЗИН Со години ги слушал туѓите верзии на приказната за Дијана, сега братот...

Со години ги слушал туѓите верзии на приказната за Дијана, сега братот на принцезата ќе ја каже својата!

0
EPA/FEHIM DEMIR

Речиси три децении по смртта на принцезата Дајана, нејзиниот помлад брат Чарлс Спенсер одлучи да ѝ ја раскаже на јавноста својата верзија на приказната за една од најпознатите жени на 20 век.

Во својата нова книга, тој сака да зборува за својата сестра од перспектива на човек кој ја познавал долго пред таа да стане глобална икона – и, како што вели, да ги исправи невистините што се повторуваат за нејзиниот живот со години.

Мемоарите, насловени како „Лебедова песна: Дајана, моја сестра“, („Swan Song: Diana, My Sister“) ќе бидат објавени на 22 септември, а издавачот најавува дека ова ќе биде прв пат Спенсер да зборува толку отворено и опширно за својата сестра, нивниот заеднички живот и трагичната недела во која загина Дајана.

Книгата ќе биде преведена на 12 јазици.

Спенсер објасни дека решил да го направи овој чекор бидејќи се приближува 30-годишнината од смртта на Дајана. Тој вели дека повторно почнал да добива голем број барања за интервјуа, што го поттикнало конечно да ги запише своите сеќавања – наместо да продолжи да ги чита толкувањата на другите луѓе за животот на неговата сестра. Особено го вознемирува фактот дека, во текот на речиси три децении, одредени тврдења за Дајана се повторувале толку многу пати што се прифатиле како факт.

Затоа сака да ја раскаже приказната од своја перспектива и да ја претстави својата сестра каква што ја познавал – со сите нејзини доблести, ранливости, харизма и сложеност.

Спенсер рече дека неговата цел е да ја каже вистината за Дајана од перспектива на нејзиниот брат, слично на она што се обидел да го направи со својот говор на нејзиниот погреб во 1997 година.

Новата книга нема да се занимава само со принцезата што ја познавал целиот свет.

Спенсер ќе се врати и на нивното детство, семејните односи и годините пред Дијана да стане центар на светското внимание со бракот со тогашниот принц Чарлс.

Дијана почина на 31 август 1997 година во сообраќајна несреќа во Париз.

Речиси 30 години подоцна, интересот за нејзиниот живот не се намали, а нејзиниот брат сега сака конечно да го раскаже на јавноста делот од приказната што го чувал за себе со години.

ИЗДВОЕНИ