Експертите предупредуваат дека вистинскиот број, веројатно, е многу поголем, додека сведоштвата за физичко малтретирање, притисок од претпоставените и за неможност за напуштање на воената служба го откриваат обемот на проблемите во руската војска. Роб Ли, виш соработник во Американскиот институт за истражување на надворешната политика, вели дека во рамките на руската војска се користат различни форми на принуда за да се натераат војниците да продолжат да се борат
Најмалку 1.087 припадници на руската војска се самоубиле од почетокот на инвазијата врз Украина, според голема истрага на британски „Гардијан“, врз основа на протечени податоци од руската државна агенција за статистика „Ростат“. Експертите предупредуваат дека вистинскиот број, веројатно, е многу поголем, додека сведоштвата за физичко малтретирање, притисок од претпоставените и за неможност за напуштање на воената служба го откриваат обемот на проблемите во руската војска.
Податоците доаѓаат од база на податоци што содржи повеќе од 11 милиони руски посмртници до кои пристапила хакерската група „Сајбер паризанс“, поврзана со белоруската опозиција, и украинскиот колектив „Сајлент кроу“. Кремљ не објавува податоци за самоубиствата во армијата и ги третира информациите за воените загуби како државна тајна. Од 1.087 самоубиства на руски воен персонал идентификувани од „Гардијан“, најмалку 614 се случиле на окупираните територии на Украина или во руските погранични области, главно во Белгород и Брјанск. Во други 113 случаи, местото на смртта не е наведено. Смртта на други 885 војници на територијата на Украина или во пограничните области на Русија е регистрирана под категоријата повреди од огнено оружје со неодредена намера. Експертите предупредуваат дека оваа категорија може да вклучува и самоубиства, кои „Гардијан“ независно ги идентификува во неколку поединечни случаи.
Бројот на регистрирани самоубиства се зголемуваше како што напредуваше војната. Во 2022 година беа регистрирани повеќе од 50, во 2024 година, повеќе од 200, додека рекордни 365 беа регистрирани во 2025 година. И покрај нецелосните податоци за 2026 година, веќе се регистрирани речиси 300 самоубиства, што ја прави оваа година со втор најголем број регистрирани случаи од почетокот на инвазијата. Меѓу војниците што извршиле самоубиство во воената зона имало 43 млади мажи на возраст од само 18 или 19 години. Податоците вклучуваат и 108 мажи под 25 години што извршиле самоубиство во други делови на Русија, далеку од фронтот. Меѓу нив, веројатно, имало млади мажи на задолжителна воена служба, кои, според „Гардијан“, често се под притисок да потпишат договори што им дозволуваат да бидат испратени во Украина.
Самоубиството меѓу војниците не се случува само поради војната во Украина. Воените аналитичари веруваат дека проблемот во руската армија е дополнително влошен од притисокот од претпоставените и од другарите, стравот од исклучително опасните борбени мисии, како и од договорите што практично им оневозможуваат на војниците да ја напуштат воената служба. Роб Ли, виш соработник во Американскиот институт за истражување на надворешната политика, вели дека во рамките на руската војска се користат различни форми на принуда за да се натераат војниците да продолжат да се борат. Според него, во некои случаи ваквите методи вклучуваат физичко малтретирање и тортура. Истрагата на „Гардијан“ откри неколку случаи каде што им било кажано на семејствата или на другарите на починатите војници дека станува збор за самоубиство, иако нивната смрт била класифицирана различно во владините записи. За некои било кажано дека загинале во битка, а нивните другари изјавиле дека се самоубиле.
„Гардијан“ наведува дека десетици илјади војници се обидуваат да ја напуштат армијата, а самоубиствата се само еден показател за притисокот на кој се изложени припадниците на руските вооружени сили. Според податоците од независниот руски медиум „Медијазон“, до крајот на мај 2025 година, руските воени судови примиле случаи против 20.662 мажи за одбивање да служат во армијата. Истражувачкиот портал „Важни приказни“ утврдил дека најмалку 49.000 припадници на руските вооружени сили се прогласени за дезертери или се регистрирани за неовластено отсуство.












