среда, ноември 25, 2026
Дома КУЛТУРА Џон Траволта емотивно ја прима наградата за животно дело: „Публиката ми дозволи...

Џон Траволта емотивно ја прима наградата за животно дело: „Публиката ми дозволи да летам“

1
EPA/ALESSANDRO DI MARCO

Џон Траволта доби награда за животно дело на Филмскиот фестивал во Торино, а за време на емотивниот говор, изрази длабока благодарност до публиката која го следи во текот на неговата петдецениска кариера.

„Ви благодарам што ми овозможивте прекрасна кариера. Во текот на изминатите 50 години, имав можност да истражувам и да ѝ претставам на публиката многу различни ликови. Ми дадовте шанса да пеам, да танцувам и да толкувам ликови за какви што не сум ни сонувал“, рече Траволта.

Потоа, актерот цитираше Шекспир, нагласувајќи колку му значела слободата што ја уживал во текот на својата кариера.

„Ви благодарам многу што ми дозволивте да го направам она што Шекспир го бара од нас: да се биде или да не се биде. Вие ми дозволивте да ‘бидам’. Никогаш не ми ги скративте крилјата. Ми дозволивте да летам толку убаво – и на екранот, и во воздухот“, изјави Траволта.

Траволта ја прими наградата за време на отворањето на 44-тиот Филмски фестивал во Торино, каде што пристигна за светската премиера на филмот „Ноември 1963“, во режија на Роланд Џофе. Во филмот, тој толкува улога на гангстер од Чикаго, поврзан со атентатот врз Џон Ф. Кенеди.

Во Торино, актерот ќе го претстави и своето режисерско деби, „Propeller One-Way Night Coach“, кој претходно имаше премиера во Кан.

Зборувајќи за својот премин зад камерата, Траволта истакна дека 50-годишното искуство во филмската индустрија му ја олеснило работата како режисер. „Набљудував режисери како прават брилијантни работи, но и такви што не беа толку добри, па дури и сосема просечни. Така, собрав сè што ми се допаѓаше кај големите режисери и го зачував во умот како во библиотека. Подоцна, го издвоив она што сметав дека функционира – а го отфрлив она што не функционираше – за да создадам краток филм кој беше совршен“, вели Траволта.

Осврнувајќи се на својот пристап кон глумата, Траволта откри дека за секоја нова улога, првото нешто за кое размислува е начинот на кој се движи неговиот лик. „Кај секој лик, најпрво одлучувам како тој се движи низ просторот. Сфаќам како се движи низ воздухот, а потоа врз таа основа го градам сè друго“, рече Траволта.

ИЗДВОЕНИ