среда, ноември 25, 2026
Дома СВЕТ Поранешниот шеф на италијанската полиција пронајден мртов – оставил писма со сериозни...

Поранешниот шеф на италијанската полиција пронајден мртов – оставил писма со сериозни обвинувања

0
screenshot video Youtube

Поранешниот шеф на италијанската полиција, Џани Де Џенаро, кој минатиот викенд изврши самоубиство, во своите проштални писма ги обвини обвинителите од Калтанисета дека со своите постапки го турнале во смрт, нагласувајќи дека во текот на целата своја кариера секогаш бил на страната на законот и правдата.

Телото на Де Џенаро (78) било пронајдено во саботата во неговиот дом во Тоскана, јавува италијанската новинска агенција АНСА.

Само неколку дена претходно, тој бил известен дека против него е покрената истрага под сомнение за вмешаност во попречување на истрагата за мафијашки напад во Палермо во 1992 година, во кој животот го загубија истакнатиот судија и борец против мафијата, Паоло Борселино, и петмина членови на неговото обезбедување.

Полицијата пронашла неколку проштални писма упатени до членови на семејството и до лицето кое се грижело за него, како и едно писмо наменето за главниот обвинител во Калтанисета, Салваторе Де Лука – чие обвинителство ја води истрагата за наводното попречување на истрагата за убиството на Борселино.

Според италијанските весници „Кориере дела сера“ и „Ла Република“, поранешниот полициски шеф ги обвинил обвинителот и неговите соработници дека „отишле подалеку дури и од она што некогаш ѝ успеало на мафијата“.

„Секогаш сум постапувал во согласност со законот и секогаш сум бил на страната на правдата. Јас сум човек на државата и сè што направив, направив за институциите“, напишал Де Џенаро. Тој оставил и хард диск – кој истражителите не го пронашле при претресот на неговиот имот – објаснувајќи дека не им го предал на обвинителите бидејќи, како што навел, тие „не би разбрале ништо“.

Прошталните писма биле датирани на 17 ноември, четири дена пред неговата смрт, а според АНСА, ова укажува на тоа дека тој ја донел одлуката за самоубиство неколку дена претходно.

ИЗДВОЕНИ