среда, септември 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Со блокада на патот Прилеп – Битола порачаа: „Нема да работиме за...

Со блокада на патот Прилеп – Битола порачаа: „Нема да работиме за џабе“

0

Неисплатените субвенции, ниските откупни цени, несигурниот откуп, нерегулираниот пазар и високите производствени трошоци се дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците. Велат дека и покрај вложениот труд и средства, сè потешко успеваат да ги покријат трошоците и да остварат заработка. Поради незадоволството од состојбите во земјоделството, земјоделците од повеќе делови на државата излегоа на протест во Пелагонија и го блокираа регионалниот пат Прилеп – Битола. Со протестот испратија порака до надлежните институции дека нивната материјална состојба е сè потешка и дека бараат конкретни решенија.

Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, вели дека земјоделците работат без соодветна заработка, додека најголемиот дел од профитот, според него, останува кај трговците.

– Има многу нерешени проблеми во земјоделството. Не се само субвенциите туку и ниските откупни цени, немањето сигурен откуп, нерегулираниот пазар и високите производствени трошоци. Пораката што сакаме да ја испратиме со протестот е дека земјоделците веќе нема да работат за џабе и нема да молчат и да трпат. Ако овој протест не наиде на слух кај надлежните институции, ќе се организираме политички – изјави Каракашев за ВЕЧЕР.

Земјоделците побараа навремена исплата на субвенциите, сигурен откуп и реални откупни цени. Порачуваат дека без исплатливо производство и соодветна поддршка, опстанокот на македонското земјоделство е доведен во прашање.

ИЗДВОЕНИ