понеделник, ноември 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА САД воведуваат нови ограничувања за да ја спречат Кина да користи американски...

САД воведуваат нови ограничувања за да ја спречат Кина да користи американски чипови за ВИ

0
Фото: пекселс

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска воведе нови правила со кои се ограничува пристапот до напредни американски компјутерски чипови и сервери. Целта е да се спречи Кина да ја користи американската технологија за развој на своите најнапредни модели на вештачка интелигенција, пренесува АП.

Новите правила беа воведени само неколку дена откако соосновачот на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, поднесе оставка од функцијата извршен директор. Неговото заминување уследи по истрагата за неговите врски со кинеска деловна жена, која претходно раководела со компанијата „Мегаспид интернешенел“ („Megaspeed International“, лоцирана во Сингапур.

Таа компанија е осомничена за пренасочување на напредни чипови од „Енвидија“ кон Кина, со што потенцијално се прекршуваат американските ограничувања за извоз. „„Мегаспид“ им овозможува на кинеските фирми пристап до компјутерска моќ преку центри за податоци во Југоисточна Азија, вклучително и оние во Малезија.

Министерството за трговија на САД појасни дека новите правила имаат за цел да го спречат заобиколувањето на постоечките забрани преку користење центри за податоци лоцирани во други земји. „Правилото е дизајнирано да осигури дека постоечките ограничувања за пристап до чувствителна американска технологија не можат да се заобиколат преку користење услуги за далечинско пресметување, преку центри за податоци во трети земји“, се наведува во соопштението на Канцеларијата за индустрија и безбедност при Министерството за трговија.

Правилата стапија на сила веднаш. Според нив, странските центри за податоци кои обезбедуваат услуги за компании од земји како Кина, Русија, Иран и Куба, ќе мора да утврдат кои се нивните крајни корисници.

Дополнително, се воведуваат посебни дозволи за продажба на чипови во Индонезија, Малезија, Сингапур, Тајланд и Бразил, за што ќе се одлучува поединечно за секој случај. Американските власти сметаат дека во тие земји постои зголемен ризик чиповите да бидат пренасочени кон дестинации каде што нивниот извоз не е дозволен.

САД веќе ја забрануваат продажбата на своите најнапредни чипови за вештачка интелигенција на Кина, со цел да ја задржат предноста во развојот на вештачката интелигенција. Сепак, многу американски политичари сметаат дека постоечките забрани не се доволно строги. Проблемот е во тоа што кинеските компании не мора физички да купуваат или увезуваат американски чипови за да ја користат нивната компјутерска моќ. Наместо тоа, тие можат да ја изнајмат онлајн, користејќи сервери лоцирани во други земји. Токму овој пристап американските законодавци го сметаат за еден од главните начини за заобиколување на ограничувањата за извоз.

Минатата година, републиканскиот конгресмен од Њујорк, Мајкл Лолер, предложи закон со кој американските забрани за извоз би се прошириле и на далечинскиот пристап до компјутерска технологија. Тој во Конгресот предупреди дека постојните ограничувања се однесуваат на физичкиот извоз на чипови, но не и на нивното користење преку интернет. Ова ѝ овозможува на Кина пристап до американската технологија преку „клауд“ (cloud) услуги – односно, без директен увоз на чиповите што подлежат на ограничувања.

Лолер смета дека Кина може да го користи овој метод за да ги заобиколи американските забрани за извоз. Неговиот предлог-закон веќе е усвоен во Претставничкиот дом.

ИЗДВОЕНИ