понеделник, ноември 16, 2026
Дома МАГАЗИН Форензички експерт за „Би-би-би“: Џефри Епстајн е убиен во затвор- задавен е,...

Форензички експерт за „Би-би-би“: Џефри Епстајн е убиен во затвор- задавен е, најверојатно од зад грб

0

Форензичарот Мајкл Фримен смета дека смртта на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин во затвор е резултат на убиство, а не на самоубиство.

Во изјава за емисијата „Њузнајт“ (Newsnight) на „Би-би-би“, професорот Мајкл Фримен наведе дека, по разгледувањето на документацијата од њујоршкиот судски лекар, верува оти Џефри Епстин бил задавен – најверојатно од зад грб.

Судскиот лекар кој ја извршил обдукцијата во 2019 година заклучил дека повредите на Епстајн се во согласност со самоубиство и дека немало траги од одбранбени повреди – какви што би се очекувале доколку станувало збор за убиство.

Епстин беше пронајден мртов во затвор во Њујорк на 10 август 2019 година, додека го чекал судењето по обвиненија за сексуална трговија.

Д-р Барбара Сампсон, која во тоа време беше главен судски лекар – и која по обдукцијата ја класифицираше смртта на Епстајн како самоубиство – претходно изјави:

„Цврсто стојам зад нашиот заклучок за причината и начинот на смртта на г. Епстин. Причината за смртта е бесење, а начинот на смртта е самоубиство.“

„Би-би-си“ стапи во контакт со д-р Сампсон за коментар.

Фримен работел како форензичар за американските државни обвинители во случаи поврзани со смрт на лица во полициски притвор, вклучително и случајот со Џорџ Флојд во Минесота. Тој ги објави своите истражувања и документацијата од њујоршкиот судски лекар – која ја добил од братот на Епстин, Марк Епстин – откако во понеделникот вечерта ги презентираше своите наоди на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Фримен, кој не го видел телото, своите заклучоци ги засновал на документацијата и фотографиите од извештајот на судскиот лекар, кои му ги доставил Марк Епстин, кој постојано тврди дека неговиот брат бил убиен.

Фримен изјави дека неговата анализа е независна и дека не бил платен од Марк Епстин.

Тој за „Би-би-си“ изјави дека, според него, постојат знаци кои укажуваат на напад врз Епстин, вклучително и длабоки крварења во пределот на левото рамо, како и повреди кои изгледаат како да настанале од удари во лицето. Фримен изјави дека, според него, доказите најмногу укажуваат на давење со предмет (јаже или слично), кој потоа бил искористен за да се обеси телото за кревет на спрат.

Тој посочи дека над трагата од предметот на вратот на Епстин се забележуваат траги што личат на гребаници од нокти – детал што „би одговарал на давење, особено од зад грб, како и на обидот на жртвата да го отстрани предметот од својот врат“.

Тој заклучи дека „повредите и начинот на кој е пронајдено телото не се совпаѓаат. Останува само едно објаснување: дека смртта настапила како последица на убиство“. Судскиот лекар што ја извршил обдукцијата во тоа време, изјавил пред Канцеларијата на генералниот инспектор при Министерството за правда на САД дека повредите на Епстин повеќе укажуваат на самоубиство со бесење отколку на убиство со давење, додавајќи дека немало докази за одбранбени повреди, какви што вообичаено се гледаат кај жртвите на давење.

Фримен изјави дека, во случај на истрага за смрт со бесење во притвор, би очекувал да постои фотографија од телото направена пред тоа да биде тргнато.

Според истрагата на Министерството за правда на САД за престојот на Епстин во затвор, чуварот што го пронашол Епстин веднаш повикал колега на помош, го спуштил телото на Епстин на подот и започнал со обиди за реанимација.

Според извештајот на Министерството за правда на САД, смртта на Епстин настапила еден месец откако тој бил краткотрајно ставен под посебен надзор поради ризик од самоубиство.

На прашањето кој би можел да го убие Епстин – под претпоставка дека неговото толкување на доказите е точно – Фримен одговори дека „нема претстава“.

„За тоа немам мислење. Тоа не е дел од ниту една истрага што сум ја спровел“, рече тој.

Во 2008 година, Епстин беше осуден за заведување малолетничка за проституција, поради што беше регистриран како сексуален престапник.

Тој избегна долга затворска казна благодарение на спогодба за признавање вина.

Единаесет години подоцна, Епстин беше обвинет за организирање мрежа на малолетни девојки за целите на сексуална експлоатација. Тој го чекаше судењето во 2019 година, кога беше пронајден мртов во Метрополитенскиот поправен центар во Њујорк.

ИЗДВОЕНИ