- 15 ноември – нападот и првото приведување
Според информациите од СВР Охрид, на 15 ноември околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија во домот на 31-годишниот Христијан Корабоски, а потоа и во неговиот автомобил, тој физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од охридско. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест и паднала.Повредената била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што биле констатирани тешки телесни повреди.
- 16 ноември случајот добива тежина во јавноста
Во 5:05 часот Корабоски бил приведен во полициска станица. СВР Охрид најави кривична пријава за сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“ од член 131 став 3 од Кривичниот законик.
- Мајката јавно ги објави обвинувањата
По објавувањето на случајот, мајката на Сара, Ирена Ѓорѓиевска, преку јавна објава изнесе сериозни обвинувања за околностите во кои се случил нападот. Таа тврдеше дека ќерка ѝ била претепана до онесвестување и оставена на улица, како и дека имало обиди случајот да се прикрие и да се влијае врз неговото расветлување.
- Судот одреди мерки на претпазливост, без притвор
По барање на Основното јавно обвинителство Охрид, Основниот суд во Охрид на Корабоски му одреди мерки на претпазливост: одземање на патната исправа, забрана да ѝ се приближува на повредената на помалку од 50 метри и задолжително јавување во судот секој втор понеделник.
Претседателот на Основниот суд Охрид, судијата Бојан Мартиновски, за ВЕЧЕР изјави дека судот не можел да определи притвор бидејќи обвинителството не побарало таква мерка. Тој објасни дека судот може да одреди поблага мерка од онаа што ја бара обвинителството, но не и потешка.
„Обвинителството процени и побара за изрекување на мерки претпазливост, Обвинителството не најде потреба против осомничениот за мерка притвор, во ваква фаза немаме можност да одлучуваме подрастично и потешко од она што побара ОЈО Охрид, така предвидува законот“, изјави Мартиновски.
- Полицијата го приведе и таткото на девојката
На 15 ноември во 8:50 часот, мајката на Корабоски пријавила во полиција дека таткото на повредената телефонски му се заканувал на нејзиниот син и на целото семејство. Таткото на девојката бил приведен во 13:20 часот, а полицијата најави соодветен поднесок за заплашувње против него.
- Политички реакции и барања за одговорност
Случајот предизвика реакции од повеќе политички партии и пратеници, кои побараа одговори од обвинителството и полицијата за тоа зошто не бил побаран притвор и како ќе биде обезбедена заштитата на девојката. Од СДСМ најавија протест во Охрид. Левица, побара институционална проверка и утврдување дали имало влијание врз постапувањето. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека го осудува насилството и побара целосно расчистување на случајот и одговорност.
- Јавното обвинителство најави итно постапување
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески, изјави дека Основното јавно обвинителство Охрид презема дејствија за целосно расветлување на случајот. Во однос на правната квалификација и причините поради кои првично не бил побаран притвор, рече дека не би шпекулирал пред да бидат собрани сите докази.
Обвинителството дополнително појасни дека со Сара разговарала обвинителка, во согласност со процедурите и конвенциите за постапување со жени жртви.
Корабоски повторно е приведен од полицијата. Од СВР Охрид информираа дека се појавиле нови околности, но во тој момент не ги соопштија деталите.
- Обвинение за три кривични дела и предлог за притвор
Доцна попладнето Основното јавно обвинителство Охрид соопшти дека итно ги презело сите дејствија и до Основниот суд во Охрид поднело обвинение против Корабоски за три кривични дела: „Телесна повреда“, „Противправно лишување од слобода“ и „Загрозување на сигурноста“.
Според обвинителството, при вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на оштетената.
Во текот на денот била испитана повредената, во присуство на социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите.
Заедно со обвинението, обвинителството до судот доставило и предлог за определување мерка притвор, наведувајќи дека ги имало предвид утврдените околности во предметот. Од ОЈО соопштија дека обвинетиот бил обезбеден во текот на целата постапка.
- Одлуката за притвор
Со поднесувањето на обвинението и предлогот за притвор, предметот повторно е пред Основниот суд во Охрид, кој треба да одлучи дали ќе ја определи бараната мерка.












