Членството на Друштвото за патишта на Република Македонија (МАРЕ) во Европската асоцијација за асфалтни коловози (ЕАПА) отвора нови можности за примена на европските стандарди, современите технологии и унапредување на квалитетот и безбедноста на македонската патна инфраструктура. Ова е особено значајно во период кога земјава реализира еден од најголемите инвестициски циклуси во изградбата и модернизацијата на патиштата.

По 59 години постоење, МАРЕ од денеска и официјално е дел од европската асоцијација, што претставува значаен момент за македонската инженерска фела. Претседателот на Друштвото, проф. д-р Горан Мијоски, оцени дека членството е исполнување на долгогодишниот стремеж на генерации градежни инженери.

– Ова претставува исполнување на сонот на генерации градежни инженери што се едуцирале на Градежниот факултет во Скопје. Верувам дека ќе биде од полза за инженерите што работат на изградба и подобрување на инфраструктурата, но и стимул за младите генерации за дополнителни научни и практични сознанија –  истакна Мијоски.

Тој очекува преку членството македонските инженери да добијат директен пристап до европските стандарди, техничката регулатива и искуствата на развиените земји. Преку стручни семинари и активно учество во работата на асоцијацијата, како што посочи, ќе се овозможи подобрување на квалитетот на патиштата, нивна поголема отпорност на климатските влијанија и зголемените сообраќајни оптоварувања.

Значењето на членството го истакна и деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Јосиф Јосифовски, според кого соработката со европските институции ќе придонесе за полесно надминување на проблемите при реализацијата на инфраструктурните проекти. Тој нагласи дека придобивки ќе има и образовниот процес, бидејќи студентите и идните инженери ќе можат да ги следат најновите научни достигнувања, технички решенија и трендови во стандардизацијата на патните и асфалтните конструкции.

Претседателот на ЕАПА, м-р Словенко Хенигман, изрази задоволство од приемот на македонското друштво, посочувајќи дека асоцијацијата има повеќе од 50 години искуство, над 20 национални друштва и повеќе од 30 приватни компании.

– Нашата главна задача е да се грижиме за комплетната асфалтерска струка – од производство и вградување на асфалтот до контрола на квалитетот и стандардизацијата. Во последно време сме насочени и кон дигитализацијата. Сметам дека Македонија, која интензивно ја гради својата патна инфраструктура, може значително да придонесе во заедничката работа – рече Хенигман.

Поддршка за членството даде и претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош, кој оцени дека ова е важен чекор за поголемо вклучување на македонските инженери во европските професионални текови. Според него, членството ќе овозможи домашните инженери да работат според европските стандарди и да применуваат современи практики во проектирањето и изградбата на патиштата. Метикош смета дека земјава располага со стручен и искусен кадар, но дека е потребно поголемо внимание да се посвети на обуката и континуираното усовршување. Како потврда го посочи податокот дека Комората има повеќе од 1.500 членови инженери.

(С. Бл.) – Фото: Ѕ. Плавевски

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ