понеделник, ноември 23, 2026
Дома БАЛКАН Снежен хаос во Европа, издадени предупредувања за лавини! Затворени патишта во Швајцарија,...

Снежен хаос во Европа, издадени предупредувања за лавини! Затворени патишта во Швајцарија, делови од Балканот под снежна покривка

1

Вчера паѓаше снег во швајцарските Алпи, а на превојот Бернина се случија десетина сообраќајни несреќи, а властите во неколку алпски региони предупредија на висок ризик од појава на лавини. Патот преку превојот Бернина беше привремено затворен поради обилните снежни врнежи, потребата за отстранување на оштетените возила и операциите за расчистување на коловозот.

Полицијата апелираше до возачите да ја прилагодат брзината на зимските услови и да се погрижат нивните возила да бидат соодветно опремени.

Новиот снег го зголеми ризикот од лавини, поради што швајцарските власти прогласија четврто ниво на опасност – на скала од пет степени – за неколку области, што укажува на висок степен на ризик, пренесува словенечкиот портал 24ur. При четвртото ниво, лавините можат да се активираат спонтано, затоа, движењето надвор од заштитените подрачја е особено опасно.

Михаел Ајхман, од метеоролошката служба „MeteoNews“, предупреди на потребата од внимателност, бидејќи опасноста од лавини сè уште е присутна.

„Големата количина нов снег не е доволно стабилна, а покрај тоа, има снежни наноси создадени од ветерот, како и изолирани слаби слоеви од стариот снег во високите Алпи. Иако утре времето ќе биде суво, ситуацијата со лавините не покажува знаци на подобрување“, изјави тој денеска за швајцарскиот весник Blick.

Според метеоролошките прогнози, во четврток се очекуваат нови врнежи. Сепак, Ајхман ја отфрла можноста за сценарио од типот „зимска апокалипса“ во низините.

„Можеби ќе видиме малку снег. Особено во централна и источна Швајцарија, снегот би можел да падне дури и во пониските предели, но нема да се задржи на тлото во тие региони. Неделата ќе биде студена. Вообичаените температури за крајот на ноември се движат меѓу пет и шест степени, а ние ќе бидеме под тие вредности во текот на целата недела“, додаде тој.

Германија и Австрија исто така се подготвуваат за претстојните денови, бидејќи до средината на неделата снегот би можел да ги покрие дури и низинските предели. Во Германија, снегот ја покри областа Брокен на планините Харц, додека повисоките делови на Баварските Алпи се исто така под снежна покривка. На највисокиот германски врв, Цугшпице, се измерени 70 сантиметри снег.
Зимски услови се очекуваат и во Австрија, каде што завчера падна снег низ северните и западните Алпи. Границата на снежните врнежи се спушти на надморска височина од приближно 900 до 1.200 метри.

Според метеоролозите, на одредени места наврнале од пет до 10 сантиметри нов снег, а во крајните западни делови и до 15 сантиметри.

Вечерва се очекува снег, главно во регионите Арлберг и Северен Тирол, а до средината на неделата врнежите ќе се прошират и во пониските предели.

Првите снегулки оваа година денеска се појавија во делови од Бања Лука и Сараево, а снег падна и на Сљеме. На Сљеме моментално има девет сантиметри снег. Во моментов таму е сончево поради зајакнувањето на антициклон од северозапад, но од среда се очекува нов прилив на влажен воздух, кога се предвидува и нов снег.

Утринава во Србија, обилниот дожд во повисоките планински предели премина во суснежица и снег. На Сувобор започнаа обилни снежни врнежи. Од утринава снег паѓа и на Златибор, Копаоник, Тара, Црни Врх, како и во Сјеница.

ИЗДВОЕНИ