понеделник, ноември 23, 2026
Дома СВЕТ Лидерот на АфД повикува на протерување на 2,6 милиони луѓе од Германија

Лидерот на АфД повикува на протерување на 2,6 милиони луѓе од Германија

0
EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Тино Крупала, ко-лидер на десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), повикува до 2,6 милиони луѓе да ја напуштат Германија – вклучително и Украинци, Сиријци и Авганистанци – откако ќе им истече статусот на заштита. Експерт за право на миграција смета дека оваа бројка е претерана.

Крупала ги изнесе овие ставови во подкастот „Unter Zwei“, во продукција на германскиот весник „Билд“. Покрај поединците кои се законски обврзани да ја напуштат земјата и странските државјани кои сториле кривични дела, тој конкретно ги спомена Сиријците, Авганистанците и Украинците – под услов да престанат да постојат околностите врз основа на кои првично им била доделена заштита.

Како основа за ова, тој ги наведе можните случувања во нивните матични земји – како што се крајот на војната во Украина или подобрување на безбедносната ситуација во Сирија и Авганистан.

„И тука зборуваме за 2,6 милиони луѓе“, изјави Крупала.

Даниел Тајм, професор на Универзитетот во Констанц и експерт за право на миграција, изјави за „Билд“ дека Крупала прикажува погрешна слика.

„Крупала создава впечаток дека милиони Украинци, Сиријци и Авганистанци можат брзо и масовно да бидат депортирани. Тоа не е така. Секој статус на заштита мора да се проценува поединечно“, објасни Тајм.

Тој додаде дека, иако поединци навистина можат да го изгубат својот статус на заштита, тоа не важи автоматски за сите, а следствено, наведените бројки се превисоки. Според податоците објавени од „Билд“, до средината на 2026 година, во Германија имало приближно 259.000 луѓе кои имаат обврска да ја напуштат земјата. Дури 77 отсто од нив имале статус на привремено одложена депортација (познат како Duldung).

Како што пренесува „Тагесшпигел“, Хрупала неодамна ги критикуваше „бруталните практики“ на американската имиграциона агенција ICE, припишувајќи го поразот на републиканците на изборите за Конгрес, делумно, токму на овие постапки. Ова предизвика остри критики во редовите на АфД.

Во партијата, исто така, се води дебата околу бројот на луѓе што треба да бидат вратени во своите земји. Максимилијан Кра, пратеник на AfD во Бундестагот, претходно предупреди да не се создаваат преголеми очекувања во однос на депортациите, истакнувајќи дека депортирањето на милиони луѓе не е правно изводливо. Од друга страна, Жан-Паскал Хом, лидер на младинската организација на AfD, тврди дека милиони луѓе мора да ја напуштат земјата.

ИЗДВОЕНИ