Владата ќе ги искористи сите расположливи механизми за да спречи зголемување на цените на електричната енергија и на парното греење, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека нема информации за најавите поврзани со евентуалните промени на цените, нагласувајќи дека одлуката за цената на електричната енергија е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.
Мицкоски објасни дека Владата има влијание врз цената по која АД ЕСМ ќе ја понуди електричната енергија на тендерот на „ЕВН Хоум“ и дека ќе направи сè да не биде зголемена таа.
– Со сите можни алатки ќе го штитиме стандардот на граѓаните, иако цената на берзите е од четири до пет пати повисока од онаа што ќе ја понуди АД ЕСМ. Имаме изготвено и еден иновативен бизнис-модел, за кој разговараме со раководството на АД ЕСМ – повтори премиерот.
Во насока на обезбедување стабилност во енергетскиот сектор, Мицкоски најави дека в сабота ќе одржи колегиум со раководството на РЕК „Битола“, кој го оцени како еден од главните столбови на енергетската стабилност во државата.
– Работиме и остануваме држава со најниски цени на енергенсите и покрај тоа што немаме многу енергенси што се наш природен ресурс – истакна Мицкоски.












