Најновите долгорочни прогнози најавуваат послаба снежна сезона од просекот во најголем дел од Европа, а меѓу регионите каде што се очекуваат помалку снежни врнежи е и Балканот. Според анализите на „Severe Weather Europe“, најмногу снег од просекот би можело да има во северните и североисточните делови на континентот, додека во југоисточна Европа се очекува поскромна снежна покривка.
Како главен фактор што ќе влијае врз временските обрасци и снежните врнежи во текот на сезоната се посочува феноменот Ел Нињо. Неговото влијание вообичаено придонесува за намалување на снежните врнежи во поголемиот дел од Европа, со исклучок на северните и североисточните региони.
Причината е посилното влијание на западните воздушни струења од Атлантикот и зајакнувањето на јужниот антициклон, што придонесува за повисоки температури и помали услови за формирање на распространета снежна покривка. Повеќе снег се очекува главно на повисоките надморски височини.
Кога станува збор за Балканот, прогнозите упатуваат на зима со помалку снег од вообичаеното, особено во пониските предели. Поголеми шанси за снежни врнежи ќе има во планинските региони, каде што температурите ќе бидат поповолни за задржување на снежната покривка.
Според месечните проекции, јануари се издвојува како месец со најголем удел на области во кои се очекуваат натпросечни снежни врнежи. Сепак, тие области се ограничени и главно се лоцирани на крајниот североисток и југоисток на Европа, како и на помал дел од Алпите, а ова укажува на тоа дека, дури и во нашиот дел од континентот, позначајните снежни врнежи најверојатно би биле ограничени на одредени локации и на поголеми надморски височини.












