четврток, јули 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе успее ли Владата да го спаси земјоделството од тонење?

Ќе успее ли Владата да го спаси земјоделството од тонење?

29

Владата за две години исплатила повеќе од 15 милијарди денари директни субвенции за земјоделците, а паралелно со тоа е зголемено производството и е намален дефицитот во земјоделско-прехранбениот сектор, тврди премиерот Христијан Мицкоски. Според него, сегашните резултати се постигнати по состојба што ја оценува како „катаклизма“ наследена од претходната влада.

Во врска со критиките на опозицијата дека нема резултати во земјоделството, Мицкоски посочи дека во изминатите години биле оставени низа проблеми – од неисплатени обврски кон земјоделците до проблеми во водостопанството и управувањето со акумулациите.

– Неисплатени плати во АД „Водостопанство“, проблеми со придонесите, акумулации претворени во мочуришта, лозари што се бореа да добијат вода за наводнување, долгови кон земјоделците по основ на директни плаќања од 2020 и 2021 година. Сега тоа го надминуваме и со домаќинско работење, работите се враќаат во нормала – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека со ребалансот ќе бидат исплатени и преостанатите обврски кон полјоделците и кон млекарите за 2025 година, а веќе почнал и циклусот на аплицирање за субвенции за директно плаќање за 2026 година.

Според премиерот, резултатите во земјоделството се гледаат и преку зголеменото производство и намалувањето на разликата меѓу увозот и извозот на земјоделски производи.

– Имаме зголемување на производството и намалување на дефицитот кога станува збор за увозот и извозот на земјоделски производи. Тоа се резултатите што можевме да ги постигнеме за овие две години – рече Мицкоски.

Тој ја обвини претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ дека оставила нерешени проблеми во земјоделството, додавајќи дека Владата ќе продолжи со политиките за поддршка на производителите и за развој на секторот.

– Ние имаме своја цел, имаме фокус и приоритети и врз основа на тоа ќе ги водиме политиките. Граѓаните на избори ќе одлучат кој концепт ќе го поддржат – порача премиерот.

Мицкоски оцени дека разликата меѓу актуелната и претходната влада, според него, е во пристапот кон управувањето – едните, како што рече, нудат реформи, проекти и заштита на државните интереси, додека за опозицијата изнесе низа политички критики и обвинувања.

ИЗДВОЕНИ