Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, денеска оствари работна средба со директорот на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо, при што беа разгледани актуелните економски текови и предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот.

На средбата се разговараше за клучните показатели важни за деловната заедница, вклучувајќи ги унапредувањето на платежните услуги, одржувањето стабилен девизен курс и обезбедувањето умерена инфлација, кои се предуслов за предвидлива деловна клима и одржлив раст на компаниите.

Гувернерот Славески нагласи дека постојаната и отворена соработка на Народната банка со домашните и странските компании е клучна, особено со оглед на перспективите за зголемен извоз и подобрување на трговскиот биланс на земјата.

Директорот Мизо ги презентираше состојбите во автомобилската индустрија на светско и европско ниво, посочувајќи ги предизвиците поврзани со синџирите на снабдување, царинските стапки, геополитичките тензии, како и влијанието на цената и достапноста на работната сила врз производството и испораките, вклучително и штрајкот на регионалните транспортни компании.

Во рамките на посетата, Славески се запозна со напредните технолошки процеси и современата опрема во сегментот на енергетска електроника за автомобилската индустрија. Производството на компанијата е наменето за најновите модели на електрични и приклучни хибридни возила на „Фолксваген“, како и за напредни мехатронски системи за „Мерцедес“, што дополнително ја потврдува ориентацијата на „Костал“ кон напредна технологија и извоз.

ИЗДВОЕНИ