– Поетските ноќи во Велестово се просветление што му одолева на ова, за поезијата, скудно време и ја враќа вербата во потрагата по дообјаснување на светот и на животот, а среде тој ѕвезден раскош се негува „романтичниот“ шарм, за (најискрено и најнаивно) да се сфати (и прифати) поезијата. И поетот – истакнува за весникот ВЕЧЕР Славе Ѓорѓо Димоски, основачот и долгогодишен организатор на манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“

 

– Поетската ноќ во Велестово е своевиден феномен, празник на поезијата кој, веќе завлезен во четвртата деценија, ненаметливо, стрпливо, упорно неа ја враќа на праизвориштето исполнето со духовна енергија и го буди исконскиот поет во нас. Вдахновеноста е и ѕвездена и езерска. Во Велестово се случува уметност, Велестово ѝ оддава почест на уметноста, вели за весникот ВЕЧЕР, Славе Ѓорѓо Димоски, основачот и долгогодишен организатор на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која со претстојното 38. издание продолжува да ја гради својата препознатлива поетска приказна. Од 21 до 23 август, во Велестово и Охрид, ќе се сретнат поети, музичари и уметници од седум земји.

– Ако се свртиме наназад ќе ја видиме плејадата создатели која поминала низ нејзините духовни патишта врз чиј ѕвезден прав ги оставиле своите мистично осветлени стапалки како возвишен показ кон светилиштето на нашиот насушен ни јазик, посочи Димоски, македонскиот поет, есеист и преведувач.

Приказната за „Поетската ноќ во Велестово“, како што ни откри Славе Димоски, почнува во 1987 година, со еден настан што првично воопшто не бил замислен како почеток на фестивал.

– Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ стана култен интернационален поетски бренд, кој секоја година, на средината од август, ги носи во Велестово најактуелните светски поетски имиња, а во исто време им посветува внимание и на македонските уметници. Идејата за настанување на фестивалот е повеќе од банална. Во 1987 година, во Хрватска ја добив, за тоа време, големата југословенска награда „Седум секретари на СКОЈ“, пандан на наградата АВНОЈ, но оваа само за млади творци од сите области. Правилото беше секој добитник да организира промоција на наградата во својата република. Сакав таа промоција да биде во Охрид, но од некакви банални причини, не можевме да најдеме заеднички јазик со тогашниот директор на Домот на културата „Григор Прличев“. Мојата последна одлука беше да се одржи настанот во Велестово, моето родно село – објасни Димоски.

Токму тој избор на родното Велестово наместо Охрид се покажа како пресвртен момент. Првиот настан привлече значително внимание во тогашниот печат, а беше снимен и од тогашната Телевизија Скопје, со што се отвори голем простор фестивалот да израсне во ова што е денес. Во секој случај, како што истакнува и самиот поет, и поднебјето го дало својот придонес. Оттогаш Велестово постепено прераснува во препознатливо место на поетската карта на регионот. Автентичниот амбиент на селото на падините на Галичица, погледот кон Охридското Езеро и спојот на поезијата со музиката и визуелните уметности му даваат на фестивалот специфичен карактер.

Од минатогодишното издание на „Поетска ноќ во Велестово“

– Поетските ноќи во Велестово се просветление што му одолева на ова, за поезијата, скудно време и ја враќа вербата во потрагата по дообјаснување на светот и на животот, а среде тој ѕвезден раскош се негува „романтичниот“ шарм, за (најискрено и најнаивно) да се сфати (и прифати) поезијата. И поетот. Тоа го потврдува и годинашното издание, кое е на чекор до јубилејните четириесет години, а кога ќе се види списокот на учесниците, ќе се воочи дека станува збор за една од најзначајните манифестации на Балканот, но и пошироко. Тука се собрани поети што го носат пулсот на актуелниот европски поетски глас – истакнува Славе Ѓорѓо Димоски.

Три дена поезија, музика и уметност

Програмата годинава ќе се одвива во Велестово и во охридскиот „Лапидариум“, а ќе учествуваат дваесетина поети, музичари и уметници од седум земји: Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија, Романија и Македонија.

Програмата почнува в петок (21:00 часот), на сретсело во Велестово, со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија. По него ќе следува „Имаго“ – интернационално поетско читање на кое ќе настапат поети од странство. Таа вечер, (22:30 часот), на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Велестово ќе биде отворена и изложбата на акварели на Ивана Настески, насловена „Флора“.

Наредните два дена ќе бидат исполнети со книжевни промоции, интернационални поетски читања и со музички содржини, со што програмата ќе ја задржи својата препознатлива отвореност кон различни уметнички изрази.

Во рамките на тридневната програма, предвидени се книжевни промоции на пет стихозбирки, и тоа од Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ од Хрватска, Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ-Карановиќ од Хрватска и Вероника Димоска од Македонија. Исто така, ќе има уште две интернационални поетски читања „Мозаик“, во „Лапидариум“ во Охрид, додека завршното поетско читање ќе се одржи на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово, в недела, 23 август. На нив, покрај споменатите поети, ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија и Анисија Ангел од Романија, како и домашните поети: Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.

Програмата ќе биде збогатена и со краток музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, кои ќе настапат со кавал и со електрична гитара.

Со својата меѓународна програма, фестивалот и годинава го потврдува концептот според кој Велестово е простор на средба на различни поетски гласови, јазици и културни искуства. Во исто време, присуството на бројни македонски автори овозможува домашната поезија да биде претставена во контекст на современите европски и балкански поетски текови.

Велестово, со својата положба на падините на Галичица и со погледот кон Охридското Езеро, одамна стана составен дел од поетската приказна. (Д.Т.)

Фото: ФБ/„Поетска ноќ во Велестово“

 

 

 

ИЗДВОЕНИ