Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со директорката на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при Домот „11 Октомври“, Павлина Трајановска, денеска, на Светскиот ден на хуманоста, посетија дел од дечињата без родителска грижа кои се сместени во згрижувачки семејства на територијата на општината.
За време на посетата, на дечињата им беа поделени ваучери за набавка на училиштен прибор и материјали, а за сите нив општината ќе обезбеди и училишни ранци.
Според податоците, на територијата на Општина Кисела Вода, во моментов, функционираат осум згрижувачки семејства и шест роднински згрижувачки семејства, каде што се згрижени вкупно 18 деца без родители и родителска грижа.
– Хуманоста не се покажува само преку зборови, туку преку дела и реална поддршка. Децата се нашата иднина, а наша должност е да им овозможиме еднакви услови за раст, развој и образование. Сите мерки, можности и субвенции кои ги нуди Општина Кисела Вода целосно им стојат на располагање на овие деца и на нивните згрижувачи. Општината останува отворена и достапна за овие семејства во секоја сфера од општинското функционирање – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












