среда, ноември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ ДА ЗАКОПАТЕ УШТЕ ЕДНА ЖЕНА“! Жестоки пораки на протестот...

„ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ ДА ЗАКОПАТЕ УШТЕ ЕДНА ЖЕНА“! Жестоки пораки на протестот против фемицидот во Скопје/ФОТОГАЛЕРИЈА

1
Фото: Ѕ.ПЛавевски

Неколку стотини граѓани попладнево излегоа на протестен марш во центарот на Скопје, организиран по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата. Со пораката „Ниту една повеќе“, демонстрантите побараа конкретни институционални мерки, донесување на законите за заштита од насилство и строго санкционирање на фемицидот.

Маршот започна во Жена парк, продолжи пред Собранието, каде активистите упатија остри пораки до пратениците, а потоа демонстрантите се упатија кон Министерството за внатрешни работи.

Од протестот беше испратен ултиматум до пратениците – најдоцна до 10 декември да бидат преземени конкретни чекори за законско санкционирање на фемицидот и унапредување на системот за заштита на жените.

„Нема повеќе изговори. Да не дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот. Продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени“, порачаа активистите пред Собранието.

Тие ги обвинија институциите за молк и недоволна реакција во справувањето со насилството врз жените, посочувајќи дека токму на денот посветен на борбата против ова насилство, наместо конкретна одговорност и решенија, институциите продолжуваат со својата вообичаена практика.

Една од пораките на протестот беше и дека борбата против фемицидот не е само женска, туку и општествена одговорност, при што беше потенцирана важноста на машката солидарност и емпатија.

Активистите ги потсетија пратениците дека уште во април годинава била формирана работна група за подготовка на осум законски решенија, но тие сè уште не се донесени.

„Рокот ви е до 10 декември. Во спротивно, ќе го славиме Денот на човековите права пред Собранието и нема да се откажеме од малкуте алатки што ни останаа за да се заштитиме“, порачаа демонстрантите.

Организаторите, меѓу кои Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост, предупредија дека одговорноста на Собранието не завршува со одржување надзорна расправа.

Според нив, иако расправата е одржана, сè уште нема усвоени заклучоци, а механизмите за контрола на извршната власт се активираат главно по нови случаи на фемицид, без конкретен институционален епилог.

Тие бараат заклучоците од надзорната расправа да содржат прецизни рокови за постапување на секоја надлежна институција, со цел да може да се следи спроведувањето и да се бара одговорност.

„Не станува збор само за измени на еден закон, туку за пакет од осум закони чие унапредување е неопходно за воспоставување функционален систем за превенција и заштита од насилство“, наведуваат организаторите.

Протестот пред Министерството за внатрешни работи треба да заврши со симболично импровизирање на гробно место, како потсетник на жените чии животи беа насилно одземени.

ИЗДВОЕНИ