На 17-годишниот ученик, кој во вторникот рани две лица пукајќи од пушка со мал калибар во Првото техничко училиште во Крагуевац, како и на неговиот татко, им е одреден притвор во траење до 30 дена, потврдија во средата од Основниот суд во Крагуевац.
Таткото на малолетникот се товари за недозволено поседување огнено оружје, а по сослушувањето му е одреден притвор.
Судијата за малолетници при Вишиот суд во Крагуевац му одреди притвор до 30 дена на 17-годишниот ученик, кој се товари за обид за тешко убиство, како и за недозволено поседување огнено оружје. Дозволена е жалба против одлуката за притвор во рок од три дена.
По пукањето во Првото техничко училиште во Крагуевац, еден од повредените вработени, кој бил застрелан во ногата, е задржан на лекување во Универзитетскиот клинички центар во Крагуевац, додека другиот, кој се здобил со повреди од парчиња стакло, е пуштен на домашно лекување.
Ниту еден ученик од училиштето не е повреден, бидејќи во моментот на нападот траел првиот час. Српското Министерство за образование формираше кризен тим кој, во контакт со градската и училишната управа во Крагуевац, ја следи состојбата и обезбедува психолошка помош за учениците и родителите по инцидентот.












