„Моби Дик“ е една моќна сценска приказна за храброста, опсесијата, пријателството, секако и за односот кон природата, која отвора суштински прашања за младите генерации, но и за нас, повозрасните. Претставата премиерно ќе биде изведена на 26 ноември, во Театарот за деца и младинци – Скопје
Претставата „Моби Дик“, работена според истоимениот капитален роман на Херман Мелвил, а во режија на истакнатиот српски актер, режисер и кореограф, Дамјан Кецојевиќ, на 26 ноември, со почеток во 19:00 часот, премиерно ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци – Скопје. Романот ја следи приказната на младиот морнар Исмаил, кој му се приклучува на екипажот на еден китоловец, кој е под команда на опседнатиот капетан Ахаб. Наместо на вообичаен лов на китови, Ахаб го води бродот во самоубиствена потера по Моби Дик – огромен, бел кит што при претходна средба му ја одгризал ногата. Ова е дело за судирот меѓу човечката тврдоглавост и суровата моќ на природата.
– „Моби Дик“ е една моќна сценска приказна за храброста, опсесијата, пријателството, секако и за односот кон природата, која отвора суштински прашања за младите генерации, но и за нас, повозрасните. Горда сум што со оваа претстава го поставуваме безвремениот роман на Мелвил. Претставата е наменета за публиката од 10 години, па нагоре, но и за возрасните – рече на денешната прес-конференција в.д. директорката на Театарот, Фросина Карловицс, кога ја најави премиерата, истакнувајќи дека ова е четврти проект на ТДМ за годинава.

Како што рече, пак, пред новинарите во Скопје српскиот режисер Кецојевиќ, кој ги потпишува и сценските движења за претставата, заедно со авторката на адаптацијата, Тијана Грумиќ, имале доста работа да го стават големиот роман во една рамка.
– Морам да кажам дека ова е, можеби, некоја трета верзија на адаптацијата, прво Тијана успеа некако да ја направи рамката на приказната, односно да ја сведе на основата, а потоа она што ни беше интересно е романот, кој е напишан одамна, да го доведеме во врска со денешното време. Претставата не е само во контекст на односот меѓу природата и човекот туку и на тие човечки страсти што траат од некогаш, па сè до денес и, веројатно, ќе траат засекогаш, со оглед на тоа каква е човечката природа – рече Кецојевиќ.
Додаде и дека претставувало голем предизвик да се спакува едно толку големо дело на мала сцена како оваа на ТДМ, а, сепак, да не се откажат од акционите сцени што се случуваат на море, во претставата. Зборувајќи за возраста за која е намената претставата (10+), режисерот посочи дека во неа не постои ништо што би оставило некаква лоша трага или трауматско искуство кај детето.
– Дури и ако не ја разбере претставата, кај него едноставно ќе останат некои силни визуелни мотиви, па со текот на времето, можеби, ќе успее да ги разбере. Ние не правиме претстава само за децата туку и за возрасните, за нивните родители. И секогаш постојат повеќе аспекти што одат паралелно со основната приказна, која е наменета за децата, а се наменети за возрасните, бидејќи возрасните дури повеќе емотивно се погодени од последиците или големината на настаните како смрт, загуба, болест, за кои децата не се свесни – рече тој.

За драматургот Драгана Лукан Николовски, важно е дека претставата не ѝ попува на публиката.
– Таа е направена на начин да ја вовлече публиката во самото дејство, да ѝ предизвика емпатија за тоа што го гледа, за да ги согледа последиците на одредено однесување. Тоа е универзална приказна што зборува за одмаздата и за последиците што ги остава таа врз другите. Претставата е направена да потсети дека сите се раѓаме како добри луѓе – рече таа.
Круме Стефановски, пак, рече дека се враќа во ТДМ по пауза од дваесетина години, но овој пат не како актер, туку како композитор на музиката.
– Со Дамјан имавме многу убава соработка уште на академијата и овој пат сме во различни улоги – тој како режисер, јас како композитор. Целото искуство беше многу интересно, затоа што се градеше врз база на нашите разговори и на текстот за да ги сфатиме на крајот сите динамики што треба да се постигнат – емоции на сцената, атмосфери што требаше да се изградат. Така што, се надевам дека како тим, успеавме да направиме убава претстава – рече Стефановски.

Во претставата улогите ги толкуваат: Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Никола Наковски, Ненад Митевски, Петар Стојанов и Симона Спировска.
Актерот Никола Наковски истакна дека претставата на специфичен начин има и една комична нишка, која ја олеснува, во добра смисла, целата тематика и тежина на делото и ја прави гледлива, додека Ана Левајковиќ-Бошков рече сите актери се еден вид алка во претставата и сè се игра последователно во контекст на приказната.

Драматизација и адаптација се на Тијана Грумиќ, сценографијата на Андреја Рондовиќ, а костимографијата е на Александра Лалиќ.
На средбата со новинарите, костимографката Лалиќ истакна дека костимите се направени современи, но со референции од епохата на романот. А како што пишува Тијана Грумиќ во каталогот за претставата, „Моби Дик“ не е само приказна за еден човек и за неговата опсесија туку и современа приказна за односот на човекот кон светот во кој живее, кон другите живи суштества и кон границите на сопствената моќ.
Првата реприза е закажана за в петок, 27 ноември, во 19:00 часот, во ТДМ. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски и ТДМ












