Скорсезе го најави документарниот филм со последното интервју на папата Франциск

154
Youtube ROME REPORTS in English

Познатиот американски режисер Мартин Скорсезе снимил документарен филм со покојниот папа Франциск, кој вклучува разговори меѓу двајцата, вклучувајќи го, според авторите, последното телевизиско интервју што го дал папата.

Документарецот со наслов „Aldeas – A New Story“ ја обработува работата на меѓународната непрофитна организација „Scholas Occurrentes“, која папата ја основа во 2013 година за да го промовира т.н. „запознавање култури“ меѓу младите.

Како дел од оваа иницијатива започна и филмската програма Алдеас преку која млади луѓе од Индонезија, Гамбија и Италија снимаа кратки филмови, а нивните искуства и креативност беа претставени во документарен филм.

Продуцентските компании на Мартин Скорсезе, Алдеас Сколас Филм и Сикелија Продукција, кои го најавија проектот во средата, рекоа дека филмот ќе биде „доказ за верувањето дека креативноста не е само средство за изразување, туку и пат на надеж и трансформација“.

Папата Франциск, пред својата смрт, ја опиша иницијативата Алдеас како „исклучително поетски и многу конструктивен проект, бидејќи се занимава со корените на човечкиот живот, дружељубивост, конфликти… суштината на човековото патување“.

Датумот на премиерата сè уште не е објавен.

„Денес, повеќе од кога било, треба да разговараме еден со друг, да се слушаме преку културните граници. Еден од најдобрите начини да го направиме тоа е да споделиме приказни за тоа кои сме, од нашите лични искуства и животи“, рече Скорсезе.

„Тоа ни помага да разбереме и да цениме како секој од нас го гледа светот. На папата Франциск му беше важно луѓето ширум светот да разменуваат идеи со почит додека го зачувуваат својот културен идентитет. Филмот е најдоброто средство за тоа“, додаде тој.

Скорсезе се сретна со папата Франциско неколку пати во текот на годините, а нивните разговори, понекогаш, ги обликуваа филмските дела на Скорсезе, вклучувајќи ги „Последното искушение на Христос“ (The Last Temptation of Christ)и „Тишина“ (Silence).

По смртта на папата Франциск на 21 април, Скорсезе го опиша како „извонреден човек во секоја смисла“, велејќи: „Тој ги призна своите слабости. Зрачеше со мудрост, со добрина. Оваа загуба длабоко ме погодува, имав среќа да го запознаам, и ќе ми недостига неговото присуство и топлина. Загубата за светот е огромна. Но, тој остави светло зад себе, и тоа никогаш нема да се изгасне”, заклучил Скорсезе.

Конклавата за избор на нов папа е закажана за 7 мај.

ИЗДВОЕНИ