Првиот дел од мегапаркот покрај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“, со површина од 8.000 квадратни метри, е целосно завршен, објави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека овој дел е со зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и со фитнес-зони.
Паралелно се работи на преостанатата површина 42.000 квадратни метри, со целосно хортикултурно уредување и содржини за сите генерации. Паркот ќе има и сопствен систем за наводнување со техничка вода, за долгорочно одржување на зеленилото.
– Со уредувањето на овој простор, создаваме трајно решение против повторното формирање депонија. Вложуваме во почист воздух, поздрава животна средина и поквалитетен живот во секое маало. Бутел добива ново зелено срце. Скопје добива уште едно место за гордост – истакна Ѓорѓиевски.












