По успешната премиера на Скопје танцова платформа, одржана во рамките на Танц Фест Скопје 2026, претставата „МА“ на Скопје танцов театар, во кореографија на Дејан Битровски, вечерва ќе ја има својата италијанска премиера во Новиот театар Абелијано во Бари.
Гостувањето се реализира на покана на италијанската организација РесЕкстенса – Порта д’Ориенте, како дел од меѓународната програма „Обединете ги краевите и ќе го добиете вистинскиот центар“, која од 29 јули до 31 август ќе претстави врвни современи танцови продукции и уметници од Европа на различни локации низ градот Бари. Токму македонската продукција ја отвора годинашната програма, потврдувајќи го меѓународниот интерес за современата танцова сцена од Македонија и Балканот.
Според италијанските медиуми, изборот токму „МА“ да ја отвори програмата ја нагласува определбата на фестивалот да ги претставува најактуелните европски современи танцови продукции и да ја поттикнува меѓународната уметничка размена.
Претставата „МА“ е авторски проект на Дејан Битровски, инспириран од драмата „Чекајќи го Годо“ на Самуел Бекет. Делото го истражува времето на чекање како заедничка состојба, во која двајцата изведувачи развиваат различни стратегии за справување со времетраењето, тишината и неизвесноста. Во претставата настапуваат Лука Ѓорѓиевски и Данило Скалинчи, музиката е на Душко Јаневски, а костимите се на Андреј Папаз.
Поканата за гостувањето произлезе од присуството на уметничките директори на РесЕкстенса на Скопје танцова платформа, каде што во април годинава ја проследија премиерата на претставата во Македонскиот народен театар. Платформата, организирана од Интерарт културен центар и Танц Фест Скопје, има цел да ги претстави македонските и регионалните современи танцови продукции пред меѓународни куратори, фестивалски директори и продуценти, создавајќи нови можности за копродукции и меѓународни гостувања. Со презентација на шест продукции на Скопје танцов театар, во рамките на Скопје танцова платформа беше одбележан значајниот јубилеј – 15 години континуирано уметничко творештво, продукција и развој на современиот танц во земјава и на меѓународната сцена.
Во време кога културната дипломатија и мобилноста на уметниците имаат сè поголемо значење, ваквите покани го зацврстуваат присуството на македонскиот современ танц во европските програмски мрежи и отвораат нови перспективи за идни соработки.
Интерарт културен центар, 29 Јули 2026
ИЗДВОЕНИ

АПЧЕ ЗА АБОРТУС ОД „ЖЕНСКИ МУАБЕТ“ ДО ЦРН ПАЗАР – ЛЕКАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДА НЕ СЕ ПИЕ НА СВОЈА РАКА

Премиерот добивал закани по живот, уапсен 39 год. маж од кумановско Черкези

Скопје „гори“ од скапотија, за нормална живејачка во сопствен стан се потребни 565 евра

Владата ќе го намалува ДДВ за дизелот, опозицијата бара уште пониски давачки








