среда, јули 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пронајдени околу 100 илјади евра кај осомничени во стоматолошката афера

Пронајдени околу 100 илјади евра кај осомничени во стоматолошката афера

0

Во случајот со сомневањето за местење стручен испит за стоматологија, МВР поднесе кривични пријави против три лица – студентка од Битола, професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора, како и претседателот на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство.

Според полицијата, студентката во декември 2025 година, по повеќекратна комуникација преку апликацијата „Вибер“, му префрлила пари на професорот за да посредува кај претседателот на испитната комисија.

– Паричните средства му биле дадени на С. Ч. со цел да изврши влијание кај пријавениот С. Е. во својство на претседател на Комисијата за полагање стручен испит… – се наведува во соопштението на МВР.

Според полицијата, студентката на 17 декември 2025 година полагала пред комисијата и „без да го поседува потребното знаење, се стекнала со уверение за положен стручен испит“. Во рамките на истрагата биле извршени претреси кај професорот и кај претседателот на комисијата, при што биле пронајдени и одземени 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.

МВР поднесе кривични пријави за кривичните дела давање награда за противзаконито влијание, примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп. Ова е продолжение на предметот што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое претходно соопшти дека се истражува незаконско посредување за полагање стручен испит по стоматологија.

 

ИЗДВОЕНИ