Со години, возачите се нервираа во гужвите кај Момин Поток, но ако се почитуваат роковите, овој сообраќаен јазол ќе биде ставен во функција до Нова година. Покрај новата клучка, во Скопје се градат и мостови, а градот треба да добие и електрични автобуси, како и нови камиони, цистерни и метларки за да биде почист. Од Градот и Владата велат дека проектите конечно се придвижиле од мртва точка и дека граѓаните наскоро ќе ги почувствуваат првите резултати

Ако сè оди според планот, до Нова година скопјани конечно ќе возат низ новата клучка кај Момин Поток, која со години беше еден од најголемите сообраќајни проблеми во градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека проектот е веќе три четвртини завршен, а паралелно се работи и на уште неколку големи инфраструктурни зафати низ Скопје. Заедно со премиерот Христијан Мицкоски, извршија увид во градежните работи, при што порачаа дека до крајот на годината, граѓаните ќе добијат не само нова клучка туку и проширени мостови, нова комунална механизација, како и електрични автобуси.
Ѓорѓиевски рече дека пред само неколку месеци, проектот бил речиси заглавен, а денес ситуацијата е сосема поинаква.
– Кога дојдовме, затекнавме проект што практично стоеше во место. Имаше само десет проценти завршена експропријација, луѓето не беа обесштетени, а градежните активности беа во целосна стагнација. Денес можам да кажам дека експропријацијата е сто проценти завршена, сите граѓани се исплатени и работите се одвиваат со силно темпо. Ова не е обичен проект, туку сериозен инфраструктурен зафат со околу два километри потпорни ѕидови, нови пешачки и велосипедски патеки и сообраќајно решение кое конечно ќе стави крај на долгогодишниот хаос на овој потег. Нашата цел е клучката да биде целосно готова до Нова година и пуштена во употреба, за да добијат граѓаните побрз, побезбеден и многу пофункционален сообраќај – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека, во моментов, во Скопје истовремено се работи на пет мостови, што, како што рече, одамна не се случило.
– Покрај клучката кај Момин Поток, интензивно се работи и на проширувањето на мостот на реката Серава, како и на мостот на улицата „Љубљанска“, кои очекуваме да бидат завршени до крајот на годината. Продолжуваат и работите на булеварот „Борис Трајковски“, а веќе во август стартуваат градежните активности и на новиот мост „Генерал Михајло Апостолски“, што ќе ги поврзе Гази Баба и Аеродром. Ова се проекти што директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните и ќе придонесат за подобра поврзаност на градот. Голема благодарност до Владата и до премиерот за поддршката, бидејќи за клучката кај Момин Поток обезбедија 60 милиони денари. Ова е еден од проектите со кои навистина ќе се гордееме – истакна градоначалникот.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека за краток период е направен значителен напредок во проекти кои, според него, биле заглавени долго време.
– Кога ќе се спореди состојбата од пред неколку месеци со она што денес го гледаме на терен, разликата е повеќе од очигледна. Станува збор за проекти кои со години тапкаа во место, а денес веќе имаат јасна динамика и конкретни резултати. Сакам да им честитам на градоначалникот и на целиот тим затоа што покажаа дека со работа, организација и посветеност можат да се придвижат и најтешките проекти. Тоа е она што го очекуваат граѓаните – не оправдувања, туку реализација – рече Мицкоски.
Тој најави дека, до крајот на годината, Владата ќе обезбеди и нова комунална механизација за Скопје.
– Завршена е тендерската постапка и до крајот на август ќе можеме да ја промовираме новата опрема. Скопје ќе добие нови камиони, цистерни и метларки кои ќе придонесат за многу подобра јавна хигиена. Но, ова нема да биде само за главниот град, туку ваква опрема ќе добијат и повеќе поголеми општини низ државата. Очекувам наскоро да заврши и постапката за набавка на новите електрични автобуси, кои исто така ќе бидат испорачани во Скопје, како и во други општини. Тоа е важен чекор кон помодерен, почист и поеколошки јавен превоз – нагласи премиерот.
Мицкоски порача дека проблемите што се таложеле со години не можат да се решат преку ноќ, но, како што рече, со континуирана работа, резултатите веќе почнуваат да се гледаат.
– Свесни сме дека не може за неколку месеци да се поправи сè што било запоставувано со децении. Но, кога има план, кога има работа и кога институциите функционираат заедно, и најтешките проекти стануваат возможни. Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите општини, затоа што развојот на локалната самоуправа е развој на целата држава. Убеден сум дека ова темпо ќе продолжи и во периодот што следува, а проектите што се ветени пред граѓаните ќе бидат реализирани еден по еден – порача премиерот.
Фото: Петр Стојановски












