среда, јули 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Скопје под вода: Силно невреме со град го парализираше градот, поплавени улици...

Скопје под вода: Силно невреме со град го парализираше градот, поплавени улици и сообраќаен хаос

0

Силно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и локален град попладнево го погоди Скопје, предизвикувајќи поплавени улици и сериозни проблеми во сообраќајот низ повеќе делови од градот.

За многу кратко време наврна голема количина дожд, поради што на повеќе критични сообраќајници се создадоа големи количини вода. Возачите се соочуваат со отежнато движење, а на одредени локации сообраќајот е целосно во прекин.

Речиси сите делови од главниот град беа зафатени од невремето, а обилните врнежи за само неколку минути ги претворија улиците во водени површини.

Граѓани преку социјалните мрежи алармираат дека сериозно е погоден и делот во близина на Усје, каде коловозите се поплавени, а движењето на возилата е значително отежнато. Тие апелираат до надлежните служби што побрзо да интервенираат за расчистување на состојбата и нормализирање на сообраќајот.

Невремето беше проследено и со силни налети на ветер и појава на град во одредени делови од Скопје, што дополнително ги отежна условите за движење.

Инаку, Управата за хидрометеоролошки работи и претходно најави нестабилно време со локални поројни врнежи, грмежи, засилен ветер и услови за појава на невреме во повеќе делови од земјата.

Надлежните препорачуваат возачите да бидат особено внимателни, да ја приспособат брзината на движење на условите на патот и да избегнуваат движење низ поплавени сообраќајници доколку тоа не е неопходно.

ИЗДВОЕНИ