Србија ќе го позајми македонското решение за наплата на сообраќајните казни од странците што при транзит прават прекршоци, регистрирани на камерите од „Безбеден град“.
– Токму одовде, од овој граничен премин (Табановце), ги известувам оние со странски регистарски таблички дека се евидентираат прекршоците и казните ќе бидат доставени за многу брзо време – кажа на заедничката средба со својот српски колега министерот за внатрешни, Панче Тошковски.
Потоа веднаш доби прашање од Ивица Дачиќ: „Како ќе ги доставите казните?“ „Лично ќе ги доставиме“, му одговори Тошковски. Српскиот министер продолжи да инсистира: „Како ќе ги наплатите?“ „Лично, лично“, му возврати Тошковски. Дачиќ кажа дека тоа било проблем и во нивната земја, како да се наплатат казните од странските возила што не ги почитуваат сообраќајните правила на патиштата.
– Ги санкционираме само ако повторно влезат на наша територија. Треба и тие (странците) да бидат дел од еден систем, да можеме да најдеме каде живеат. За тоа ни е потребна меѓународна правна помош, да бидеме дел од европската регулатива – кажа Дачиќ.
Потоа Тошковски делумно го објасни македонското решение за наплата на казните од странските таблички.
– Сега, кога имаме вештачка интелигенција, ќе ги доставуваме казните преку СМС-пораки или преку апликација, само треба да се има волја. Ќе ни треба време, имаме смислено решение и ќе го спроведеме – кажа Тошковски, по што Дачиќ пројави желба да биде споделено решението со српските власти.
Пред неколку дена, Тошковски сподели со јавноста дека се бара начин како да се наплатат казните за сообраќајни прекршоци од возилата со странски таблички, поради недостиг на интегрирана база на податоци за утврдување на сопственоста и доставување на налозите.
– Во план е отворање посебен и наменски пункт на Табановце, кој ќе биде задолжен исклучиво за процесуирање и наплата на прекршоците што ги прават возачите со странски таблички, со што системот ќе стане подеднакво немилосрден за сите учесници во сообраќајот што ги загрозуваат туѓите животи – најави Тошковски.
Двајцата министри присуствуваа на превентивната кампања „Вози одморен“, чија цел е да ја подигне свеста кај возачите за опасностите од заморот зад воланот и да придонесе за поголема безбедност на патиштата. Тошковски кажа дека е намалено чекањето на преминот Табановце и сега, во летната сезона, има застој од околу еден час. Низ српските и македонските патишта дневно транзитираат по речиси 30.000 возила. (П. А.)












