среда, септември 30, 2026
Дома СКОПСКА Шеесет милиони евра за автобуси со 20 седишта помалку – зошто се...

Шеесет милиони евра за автобуси со 20 седишта помалку – зошто се менувале условите на тендерот?

1

Недоследна примена на Законот за јавни набавки и воедно негрижа за јавните пари биле воочени при последното истражување на тендерот за набавката на 150 електрични автобуси од страна на Центарот за граѓански комуникации.

Според Центарот за граѓански комуникации, заедничката понуда на унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“ на последниот, трет тендер, не била најниска и била избрана откако две поевтини понуди биле отфрлени.

– Вредноста на набавката е 60 милиони евра – 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење – наведуваат во своето истражување од Центарот за граѓански комуникации.

Воедно, идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП). При тоа, новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што е за 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и дури за 30 од автобусите донирани од ЕУ.

Исто така, од Центарот за граѓански комуникации забележуваат и тоа дека Министерството за транспорт не ги доставило побараните документи, вклучително и анализата врз основа на која е подготвена и менувана тендерската документација.

– Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата, што ги доведува во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки –  нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Тендерот за набавка на електрични автобуси е спроведуван три пати во период од 15 месеци. Како што нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации, со секое повторување, учесниците станувале познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалувала неизвесноста и се зголемувал ризикот од координација меѓу понудувачите.

– Унгарскиот „Икарус електрик зрт“ и кинескиот „Зонгтонг бас холдинг“ во вториот тендер настапуваа како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење кои ќе ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската „Сангроу пауер саплај“ – констатираат од Центарот за јавни набавки.

Од Министерството за транспорт уверуваат дека постапката била јавна и транспарентна и во целост отворена за сите понудувачи и согласно со Законот за јавни набавки при електронската аукција се постигнала најдобра единечна цена по автобус од 321.958 евра без ДДВ.

– Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси. Набавката беше целосно транспарентна и согласно so Законот за јавни набавки се избра најповолниот понудувач – децидни  се од Министерството за транспорт, нагласувајќи дека автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и оти се работи за автобуси кои се со целосно различни технички карактеристики.

Исто така, објаснуваат дека автобусите што ќе се набават се со капацитет од најмалку 33 седечко седиште, и вкупно 67 патници.

– Кога веќе се прават несоодветни споредби, донираните автобуси се на компримиран природен гас и имаат вкупно 29 седечки места, што значи четири седишта помалку. Се работи за различен тип автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби, тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат. Автобусите што беа предмет на набавка се целосно електрични автобуси – образложуваат од  Министерството за транспорт.

Од  набавката на 150 електрични автобуси, 100 ќе бидат за Град Скопје, додека 50 за останатите градови во државата кои имаат јавен градски превоз.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, денеска рече дека се подготвува инфраструктурата за поставување на полначите на електричните автобуси, а се работело на три локации: Железничка станица, Автокоманда и Ѓорче Петров, за да биде подготвено се кога ќе пристигнат првите автобуси.

Првите автобуси треба да бидат испорачани до крајот на годинава.

Инаку, Ѓорѓиевски истакна дека иако електричните автобуси ќе доаѓаат во повеќе кластери, сè додека не се исполни квотата од 100 возила наменети за потребите на Градот и на ЈСП, нема да се доставуваат автобуси до останатите општини.

 (А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ