Под покровителство на Министерството за спорт, во наредниот период во Македонија ќе се одржат два големи спортски настани: од 21 до 29 април, Скопје ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет за средношколци, а на 27 април ќе започна Плазма спортските игри за млади, кои ќе се реализираат во 11 града во државава.
Овие два настани, кои се особено значајни за развојот на младинскиот спорт, Министерството за спорт ги реализира во соработка со Федерацијата за училиштен спорт на Македонија.
– Министерството за спорт, како институција што стои посветено зад младите и нивниот развој, има јасна цел: да создаде безбедна, поддржувачка и мотивирачка средина во која секое дете и секој млад човек ќе може да напредува преку спортот. Ова се две масовни спортски манифестации што значат шанса за младите и промоција на спортот, но и промоција на нашата земја, на нашата спортска култура и на младинскиот потенцијал што го поседуваме – истакна Илија Ристески од Министерството за спорт, во најавата на настаните.
На Светското училишно првенство во ракомет се очекува да настапат околу 1.000 млади ракометари и ракометарки – средношколци на возраст до 18 години, од целиот свет. Организацијата на ова првенство претставува признание за заложбите на Министерството спортот да им биде секојдневие на младите преку училишниот систем.
Македонија годинава официјално ѝ се приклучи на платформата Спортски игри за млади, со што се отвора ново поглавје во развојот на младинскиот спорт. Оваа најголема младинска спортска манифестација во Европа веќе 30 години организира спортски натпревари за децата од 6 до 18 години, на кои досега учествувале над 3.440.000 учесници.
Натпреварувањето опфаќа десет спортски дисциплини (мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница) за момчиња и за девојчиња. Во Македонија натпреварите ќе се одржат во април, мај и во јуни 2026 година, преку 18 спортски дена во Охрид, Струмица, Битола, Тетово, Куманово, Штип, Кичево, Кавадарци, Прилеп, Кочани и во Скопје, во неколку скопски општини (Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Сарај). Во нив ќе бидат вклучени училиштата и локалните заедници во целата држава, со поддршка од националните спортски федерации. Најдобрите поединци од регионалните натпревари ќе настапат на финалниот државен натпревар, а најуспешните потоа ќе ја претставуваат Македонија на меѓународната завршница на Игрите во Сплит, каде што неколку дена ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите што се вклучени во проектот.












