Во Ракометната федерација на Македонија се одржа официјална прес-конференција по повод Светското првенство во училиштен ракомет – „ИСФ Скопје 2026“, кое ќе се одржи во Скопје, од 20 до 29 април. Овој значаен спортски настан е во организација на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, со поддршка од Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски.

Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, истакна дека ова првенство претставува голема чест, но и сериозен организациски предизвик, со оглед на тоа што во Скопје ќе пристигнат 23 селекции во машка и во женска конкуренција.

Претседателката на Федерацијата, Елена Мицковска, истакна дека настанот е многу повеќе од спорт. Таа најави свечено отворање на 21 април, на плоштадот „Македонија“, со дефиле на учесниците, при што околу 700 млади ракометари и ракометарки ќе бидат дел од шампионатот.

  • Во пресрет сме на долгоочекуваното Светско првенство што ќе се организира во Скопје, од 20 до 29 април. Отворањето е закажано за 21 април, на плоштадот „Македонија“, ќе учествуваат 700 учесници, ракометари и ракометарки, да ги поддржиме сите. За отворањето најавуваме дефиле – истакна Мицковска.

Таа потенцираше дека ова е одлична можност за културна размена, нови пријателства и за промоција на Скопје како спортски центар.

  • Ова е во интерес на град Скопје, размена на култури и вредности, сите ќе си заминат со нови пријателства. Би сакала да освоиме медал. Благодарност и до претседателот на ИФС, Жељко Танасковиќ, што ни ја довери оваа организација. Децата треба да веруваат дека се на вистински пат во она што работат, дека се амбасадори на спортот – изјави Мицковска.

Легендарната Индира Кастратовиќ, која ќе биде шеф на македонската делегација, изрази гордост и одговорност што ќе ја претставува државата на ваков голем настан. Таа посака македонските репрезентации да се прикажат во најдобро светло и да остварат забележителен успех.

  • Голема благодарност што ќе бидам дел од ваков голем настан. За мене е голема чест, но и голема одговорност за што подобро да ја претставиме нашата држава. Скопје ќе биде град на младоста, Скопје ќе биде град на спортот, сите деца ќе имаат нови пријателства и ќе добијат големо искуство. Се надевам дека ќе имаме голем успех, дека нашите репрезентации ќе се покажат во добро светло и се надевам на некој медал – изјави Индира Кастратовиќ.

Скопје во наредниот период ќе биде вистински центар на младинскиот ракомет, каде што спортот ќе ги обедини младите од целиот свет.

(К. Т.)

ИЗДВОЕНИ