сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе има намалување на цените на зеленчукот, маслото, јајцата…

Ќе има намалување на цените на зеленчукот, маслото, јајцата…

Владината анализа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат покажува дека цените на 55 производи во четири маркети во просек се зголемиле за само 0,4 отсто меѓу 1 февруари и 1 април, додека профитните маржи кај трговците се намалени на околу 14,7 отсто. Најголем пораст има кај зеленчукот, маслото и јајцата, каде што поскапувањето надминува 10 отсто, а Владата најавува мерки за производите со највисоки поскапувања. Премиерот Мицкоски најави и можно дополнително намалување на цените на горивата, поради падот на цената на нафтата и дополнителните попусти од ОКТА

2566

Анализата на извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој дојде до Владата покажува дека цените кај најголем дел од производите се зголемиле само за 0,4 отсто. Но, има и производи чии цени се зголемени над 10 отсто, а тоа се зеленчукот, маслото, јајцата… Во анализата се споредени цените од 1 февруари и 1 април на 55 производи во 4 синџири маркети: „Зур“, „Кипер“, КАМ и „Веро“.

– Анализиравме синџири на повеќе маркети и цени на 55 производи и врз основа на таа споредба, дојдовме до заклучок дека зголемувањето на цените е приближно 0,4 отсто. Од оваа анализа имаме некакви индикатори за одредени производи кои ги зголемиле своите цени за неколку проценти, односно за двоцифрен број проценти, да бидам попрецизен, преку 10 отсто. А кога станува збор за профитните маржи, можам да кажам дека тие, во споредба со 1 февруари, се намалени. Ако на 1 февруари просечните профитни маржи биле нешто над 15 отсто, според нашите калкулации, сега се под 15 отсто, односно 14,7 отсто. Но, според дистрибутерите и синџирите, маржата е поразлична од онаа на Владата, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во моментов, како што рече, се размислува како да се дојде до поевтини цени за граѓаните, за одредена група производи каде што има над 10 отсто зголемување. Анализата покажала и дека има производи кои се поевтинети, а најголем скок има кај хигиенските производи, од 1,42 насто, додека кај маслото за јадење, сирењето и јајцата зголемувањето е за 0,45 проценти.

– Резултатите покажуваат дека во анализираниот период е регистриран минимален пораст на продажните цени од 0,43 отсто, додека набавните цени бележат нешто повисок пораст од 1,01 отсто. Истовремено, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 отсто, што укажува дека дел од притисокот од порастот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните, истакнаа од Министерство за економија.

Од Министерството за економија изјавија дека ќе се следат пазарните состојби и доколку е потребно, ќе има соодветни мерки за стабилизација на цените.

Што се однесува до најавата за дополнително зголемување на цените од страна на трговците поради зголемените транспортни трошоци и зголемените набавни цени од страна на набавувачите, од Владата се со став дека не би требало да се почувствува поголем удар, бидејќи учеството на транспортните трошоци во крајната цена не е поголемо од 1 до 2 отсто.

Премиерот Мицкоски рече дека состојбата со нафтени деривати е стабилна, конзумот е ист, и покрај тоа што има денови кога има поголема потрошувачка, нафтените резерви стојат, а има количества и во далноводот.

Тој очекува дополнително намалување на цените на бензините и на дизелот, бидејќи во намалените цени не е пресметан попустот на ОКТА од 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот. Дополнително, Владата ќе се обиде да издејствува намалување од уште еден денар кај дизелот кој изнесува 75 отсто од потрошувачката на нафтените деривати.

Со оглед на тоа дека нафтата вчера падна на 91 долар за барел, наредната недела се очекува повторно намалување на цените на бензините и на дизелот, а кризната состојба и намаленото ДДВ од 18 на 10 отсто за нафтените деривати остануваат да важат и понатаму.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ