Три децении континуирана авиоврска меѓу главниот град на Македонија и австриската метропола, со речиси 28 илјади реализирани летови и над 2,4 милиони превезени патници, ја потврдуваат важноста на оваа линија за економската, туристичката и културната размена меѓу двете земји. Јубилејот е симбол на стабилно партнерство, раст на сообраќајот и зголемена поврзаност на регионот со европските и светските дестинации.

„Аустријан ерлајнс“ денеска одбележа значаен јубилеј на македонскиот пазар – 30 години од воспоставувањето на авиолинијата Скопје – Виена и почетокот на успешната соработка со Меѓународниот аеродром „Скопје“ и „ТАВ Македонија“. За таа цел, со церемонијален воден мост по слетувањето на авионот беа пречекани патниците, кабинскиот персонал и менаџментот на авиокомпанијата, со што беше одбележан овој значаен јубилеј.
Неџат Курт, генералниот директор на „ТАВ Македонија“, ги пречека Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата „Луфтханза“, и Карстен Занг, регионален менаџер за продажба во групацијата „Луфтханза“. Тие на средбата уште еднаш го потврдија значењето на оваа авиоврска, која успешно опстојува три децении.
– Горди сме што заедно со „Аустријан ерлајнс“ одбележуваме 30 години успешна соработка, која има значаен придонес во развојот на воздушниот сообраќај во земјата. Оваа линија не е само транспортна врска туку и мост што ги поврзува луѓето, бизнисите и културите меѓу Скопје и Виена. Континуираниот пораст на бројот на патници и зголемената фреквенција на летови се доказ за довербата на патниците и за заедничката посветеност кон унапредување на услугите и поврзаноста. Очекуваме ова партнерство да продолжи да се развива и во наредните години, носејќи нови можности за регионот – рече Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата „Луфтханза“, истакна дека „Аустријан ерлајнс“ веќе 30 години го поврзува Скопје, преку Виена, со светот.
– Овој значаен јубилеј го одразува не само нашето посветување на регионот туку и извонредната соработка со сите наши партнери и засегнати страни во Северна Македонија. Нивната доверба и поддршката беа од суштинско значење за овој долгорочен успех да стане возможен. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да ја зајакнуваме поврзаноста на Скопје со нашата глобална мрежа и во годините што доаѓаат – изјави Линхарт.
Од 1996 до 2025 година, меѓу Скопје и Виена се реализирани вкупно 27.999 лета, при што се превезени 2.432.089 патници. Бројот на летови и превезени патници со „Аустријан ерлајнс“ почнува постепено да расте откако „ТАВ Македонија“ го презеде управувањето со скопскиот аеродром. Во 2008 година, авиокомпанијата превезла 63,4 илјади патници, за во 2010 година да превезе 80,3 илјади патници. Годишната бројка надминува 100 илјади патници во 2012, за лани, во 2025 година, „Аустријан ерлајнс“ да превезе 126.911 патници со 1.296 лета.
– Позитивниот тренд продолжи и годинава, каде што во периодот од 1 јануари до 25 март се реализирани 228 операции со авиони од типот „Airbus A320“ и „Embraer 195“, при што се превезени вкупно 17.285 патници. „Аустријан ерлајнс“ лета меѓу Скопје и Виена секој ден, некогаш и со две ротации дневно. Во зимската сезона на летови, на релација Скопје – Виена оперираа 10 лета неделно, додека во моменталната летна сезона, во периодот од 29 март до 11 мај, бројот ќе се зголеми на 11 лета неделно, и тоа 7 напладне и 4 утрински. Од 12 мај, линијата ќе достигне 14 лета неделно, односно два лета дневно – велат од „ТАВ Македонија“.
Првите два месеци од оваа година „ТАВ Македонија“ ги има завршено со 539.474 превезени патници на двата македонски аеродроми, што е зголемување од 31 % на бројот на патници во споредба со тој период во 2025 година и 3.766 лета, што е за 14 % повеќе од истиот период минатата година.
(С. Бл.)












