Случаите со двојно оданочување повторно ја отвораат дилемата за потребата од појасни процедури и подобра координација меѓу институциите и граѓаните. Деновиве, дел од студентите што работеле во Германија и таму платиле данок, добиле известување од Управата за јавни приходи повторно да го платат данокот во Македонија. Слична ситуација имаше и минатата година, кога стотина граѓани од Куманово што работеле во Ирак и во Авганистан требаше да платат данок во земјава, иако тој веќе бил платен од компаниите што ги ангажирале во странство. Експертите посочуваат дека данокот на личен доход во Македонија изнесува 10 отсто и се применува на приходите од плата, хонорари, кирија, авторски дела и други извори. Сепак, доколку данокот е веќе платен во друга држава, граѓаните не треба да плаќаат дополнителен данок тука. Македонија има договори за избегнување двојно оданочување со повеќе од 50 држави, па во тие случаи не би требало да има проблем. Но, со земјите со кои нема таков договор, можно е да дојде до двојно оданочување, предупредуваат експертите.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, за весникот ВЕЧЕР вели дека со земјите со кои постои договор за избегнување двојно оданочување има јасно утврдена процедура и дека Управата за јавни приходи треба да провери дали е веќе платен данокот.
-Граѓаните што оствариле приход во земјите со кои имаме договор за избегнување двојно оданочување не треба да се оданочуваат повторно. Но, тие мора да обезбедат доказ од компанијата во странство дека е платен данокот и да го достават до институциите. Доколку е платен данокот двапати, треба да се изврши поврат. Сите приливи на средства мора да се пријават и на нив се плаќа данок од 10 отсто. Во последните години, Управата за јавни приходи има склучено договори со повеќе банки преку кои ги следи приливите на граѓаните од странство. На тој начин има подобар увид, побрзо добива информации и поефикасно ги следи овие приходи. Поради тоа, техничките грешки и пропусти треба да се сведат на минимум – вели Миноски.
Драган Митковски, сопственик на сметководствено биро и поранешен претседател на Комората на сметководители, вели дека граѓаните мора подобро да се информираат и едуцираат дека приходите остварени во странство подлежат на оданочување.
– Потребни се системски решенија за да се избегнат вакви ситуации. Станува збор за комплексен проблем, бидејќи дел од граѓаните, за да избегнат оданочување, отвораат сметки во други држави и таму ги подигнуваат средствата. Потребно е да се спречат ваквите практики, односно нашите работници да не отвораат сметки во Србија и во Косово, а потоа да ги повлекуваат парите и да ги носат во Македонија. Слични ситуации имавме и во периодот кога беше воведено прогресивното оданочување, кога дел од ИТ-секторот отвораше сметки во соседните држави и таму ги повлекуваше приходите. Граѓаните треба да бидат свесни дека данокот на доход мора да се плати, но само еднаш, -вели Митковски за весникот ВЕЧЕР.
Тој појаснува дека случајот со студентите што добиваат известувања од УЈП да поднесат електронска даночна пријава (Е-ПДД) и да ги пријават приходите што веќе им се оданочени во Германија не е изолиран. Слична ситуација имаше и минатата година, кога граѓани што работеле во Ирак и во Авганистан беа повикани да ги пријават и платат даноците за приходи остварени во странство за неколку години наназад.
– На овој начин се прави револт кај тие луѓе и се намалува довербата во институцијата. Поради тоа, потребна е сеопфатна кампања во која ќе се информираат граѓаните дека платите им подлежат на оданочување. На тој начин нема да се доведат во непријатна ситуација да мора два пати да плаќаат данок или ако ги потрошиле парите, да се задолжуваат за да ги вратат – појаснува Митковски.
Иако постојат договори што треба да го спречат ваквиот проблем, во практиката сè уште има недоразбирање и административни пречки. Експертите предупредуваат дека е клучно граѓаните навремено да ги пријавуваат приходите и да обезбедат соодветна документација, додека институциите треба поефикасно да ги проверуваат податоците за да се избегне неправедно двојно оданочување.
(А. С.)












