Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс, упати жестоки критики кон Кристијано Роналдо по ремито на Португалија против ДР Конго (1:1), на стартот од Светското првенство.

Португалците поведоа преку Жоао Невес, но Јоане Висча донесе израмнување и остави еден од фаворитите без победа во првото коло. Сепак, најголемото внимание повторно беше насочено кон Роналдо, кој го игра своето шесто Светско првенство.

Сколс смета дека присуството на ветеранот во стартниот состав станува сериозен проблем за селекторот Роберто Мартинес.

  • Го прашав Мартинес надвор од камерата дали му е Роналдо проблем, бидејќи мислам дека е. На 41 година, има само една позиција на теренот на која треба да ги почнувате натпреварите – голман – изјави Скоулс.

Поранешниот англиски репрезентативец смета дека Роналдо дополнително е под притисок по одличните настапи на неговите големи ривали. Додека Лионел Меси постигна хет-трик за Аргентина, а Килијан Мбапе двапати стрелаше за Франција, Роналдо остана без конкретен учинок.

  • Тоа ќе го убие. Меси даде хет-трик, Мбапе два гола. Жал ми е за Мартинес бидејќи се обидува да го заштити, но длабоко во себе мора да знае дека тоа му штети на тимот – додаде Сколс.

Статистиката против ДР Конго не му оди во прилог на португалскиот капитен. Во првото полувреме тој немаше ниту еден удар кон голот и не доби ниту еден дуел, што дополнително ги засили критиките.

Сколс смета дека Португалија губи на брзина и на интензитет кога е Роналдо во врвот на нападот.

  • Во тим што доминира со посед, ќе постигнува голови, но на натпревари со многу транзиција неговото движење е проблем. На Португалија ѝ треба напаѓач што трча. За мене, Роналдо треба да влегува во последните 15 минути – порача поранешниот играч на Јунајтед.

Неговите коментари сигурно ќе предизвикаат бурни реакции, особено во момент кога Португалија се обидува да ја пронајде вистинската формула за напад на светската титула.

ИЗДВОЕНИ