Предлогот на новиот градоначалник на Венеција, Симоне Вентурини, за можно значително зголемување на цената на билетите за еднодневните излетници во северниот италијански каналски град предизвика дебата, објави денес dpa.
Новиот прв човек на градот планира сериозен скок на еколошката такса во деновите кога се очекува најголем бран на туристи.
„Ако цената моментално е помеѓу 5 и 10 евра, мојот предлог е да се зголеми на помеѓу 30 и 50 евра во одредени денови“, беше цитиран Вентурини од италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Вентурини победи на локалните избори на крајот на мај како кандидат од десниот центар, наследувајќи го Луиџи Бруњаро, кој ја држеше функцијата десет години.
Оваа година, Венеција им наплаќа на краткорочните посетители влезница од 10 евра за вкупно 60 дена, до крајот на јули, дури и ако поминат само неколку часа на улиците околу плоштадот Свети Марко и мостот Риалто. Оние, пак, кои резервираат најмалку три дена однапред плаќаат 5 евра.
Иако мерката има за цел да го ограничи масовниот туризам, критичарите долго време тврдат дека сегашната влезница не ги одвраќа туристите да ја посетат Венеција.
Сепак, новиот градоначалник нема овластување сам да го спроведе ова зголемување. Иако таксата е воведена со општинска уредба, горната граница е утврдена со националното право, поради што Вентурини мора да се консултира со владата во Рим.
Предлогот веќе наидува на правни сомнежи во Италија. Специјалистот за уставно право Лудовико Мацароли наведе одредени законски пречки за „Кориере дела Сера“, велејќи дека наплатата на цена на билет од 50 евра може да се толкува како ограничување на слободата на движење.












